ПРВ СОСТАНОК НА РЕГИОНАЛНИОТ ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНИ ВРСКИ
Мигрантската криза со која се соочуваат националните друштва на Црвен крст во регионот во изминатиов период, беше повод во почетокот на оваа година да се покрене иницијатива за формирање на Регионален Информативен Центар за воспоставување на семејни врски, во кој активно се вклучени 12 национални друштва, меѓу кои и Црвениот крст на РМ, со цел размена на информации и искуства за превземените активности на овој план.
Сумирањето на резултатите и анализа на постигнатото, беа темите на кои се работеше на Првиот состанок на Регионалниот Информативен Центар, кој се одржа на 10 и 11 Ноември во Загреб. На состанокот присуствуваа координаторите на Службите за барање, а нешто што даде особен белег на оваа дводневна работна средба, беше присуството на Генералните Секретари на националните друштва, со цел поблиску да се информираат за значењето на активностите кои се превземаат за помош на мигрантите кои се наоѓаат во ситуација на раздвојување на нивните семејства, како резултат на постојаните препреки на кои наидуваат по мигрантската рута. Меѓународниот Комитет на Црвен крст, кој беше иницијатор за одржување на овој состанок, покрај можноста за размена на информации и искуства помеѓу координаторите на Службите за барање за постигнатото во овој период, особено го потенцираше значењето од присуство на Генералните Секретари, заради нивно поконкретно информирање за постигнатите резултати на планот на воспоставување на семејни врски, но и за давање на поддршка за работата на Службите за барање во нивните национални друштва.
На состанокот беше дадена можност сите присутни да се претстават, преку презентирање на активностите на Службите за барање кои се превземени од почетокот на мигрантската криза. Работата на Службата за барање на Црвениот крст на РМ, беше оценета многу позитивно од страна на присутните, со оглед на големиот број на активности кои се превземени во овој период и конкретните планови за во иднина. Во моментов Службата за барање на Црвениот крст на РМ е во ситуација да пренесува позитивни искуства и на останатите национални друштва кои се уште не се зафатени со мигрантската криза, а постои голема веројатност мигрантската рута да ги зафати и нивните држави.
На состанокот Црвениот крст на РМ, беше претставуван од страна на генералниот секретар, д-р Саит Саити и координаторот на Службата за барање, Валентина Колеска.