Работилници за „Квалитетно менаџирање на програми за грижа на стари лица во заедницата“ и „Активно стареење и социјлана инклузија“
Црвениот крст на Република Македонија во рамките на Проектот: „Грижа на стари лица во заедницата“ финансиран од Европска Унија во периодот од 16 до 18 септември 2014 година, во центарот „Солферино“ во Струга, организираше две работилници за „Квалитетно менаџирање на програми за грижа на стари лица во заедницата“ и „Активно стареење и социјлана инклузија“. Работилниците беа поддржани од страна на претставници на Австрискиот Црвен крст кои имаат долгогодишно искуство во имплементација и менаџирање на програмите за нега на стари лица, како и активности за социјална вклученост на старите лица.
Целта на првата работилница беше да се зајакнат капацитетите на општинските организации на Црвениот крст и граѓанските здруженија за квалитетно менаџирање на програмите за грижа на стари лица во домашни услови. Втората работилница имаше за цел да се подобри информираноста на локалните тимови ангажирани во проектот за активното стареење и социјалната вклученост, кои врз основа на дадените препораки ќе имаат можност да вклучат соодветни компоненти за активно стареење во програмите за грижа на стари лица во домашни услови во Република Македонија.
На работилниците присуствуваа 31 претставник од општинските организации на Црвен крст Прилеп, Гостивар и Кичево и претставници од 11 граѓански здруженија вклучени во проектот. На двете работилници беа поканети да учествуваат и локални координатори и претставници од Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст Велес и Крива Паланка кои имаат искуство во досегашна имплементација на програмите за грижа на стари лица во домашни услови.
Искуствата од Австрискиот Црвен крст ќе дадат придонес во подобрување на квалитетот на менаџирањето и развој на програмата за грижа на старите лица која Црвениот крст на РМ во континуитет ја имплементира во осум општини во Македонија.