Работна средба Тренчевска-Саити
Mинистерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на 02.02.2022 година оствари средба со Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити на која што се разговараше за тековните и идни активности и проекти на Црвениот крст и заедничките планови и активности со Министерството. „Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст на Република Северна Македонија се партнери во тригодишниот проект ,,Поддршка на инклузивниот развој на услуги во заедницата за долготрајна нега преку вклученост на повеќе чинители (InCARE)“, поддржан од Европската Унија преку програмата „Вработување и социјални иновации – ЕаСИ“. Со овој проект го подобруваме пристапот до соодветна и прифатлива нега за старите лица кои заради когнитивни или функционални нарушувања имаат потреба од нега“, рече министерката Тренчевска. Таа посочи дека и со услугата наречена „Итно копче“ корисниците на лесен и ефективен начин би можеле да добиваат помош при итни случаи и во домот и надвор, доколку има потреба од итна медицинска помош. Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ Саит Саити истакна дека соработката на Црвениот крст со МТСП е клучна во остварувањето на мисијата на организацијата. Тој информираше дека проектот лична асистенција за лицата со попреченост и помош на старите лица кое го води МТСП, на терен успешно се спроведува. „Во моментов работиме на поддршка на лицата со попреченост преку личната асистенција, а проектот нега на старите лица солидно се шири меѓу граѓаните. Оваа услуга засега се спроведува во 8 до 9 општини, а дополнително со поддршка од Светска банка услугата на граѓаните им ја овозможувам уште во 7 до 8 општини. Услугата е многу добро прифатена“. Двајцата соговорници се согласија дека Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст несебично се вложуваат во процесот за подобрување на состојбите на лицата на кои помошта им е најпотребна.