Реализирана обука за работа во Службата за барање
Црвениот крст на Република Македонија е во фаза на спроведување на активности кои се поврзани со реализација на Апелот за справување со мигрантската криза во Република Македонија. Токму затоа, со цел јакнење на капацитетите на Службата за барање на Црвениот крст на РМ, која во изминатиов период на работа со мигрантите е една од службите на националното друштво кои се постојано присутни на терен и реализираат бројни активности за воспоставување на прекинати семејни врски кај мигрантската популација која транзитира низ нашата држава, произлезе потребата од одржување на обука на волонтери од општинските организации на Црвен крст за работа во Службата за барање.
За таа цел од 12 до 14.03.2016 година, во Струга се одржа работилница со основен тренинг за работа во Службата за барање. На обуката присуствуваа 28 волонтери од 17 општински организации на Црвен крст. Покрај основниот тренинг, на учесниците им беа објаснети и правилата согласно кои работи Службата за барање во Транзитните центри во Гевгелија и Табановце, каде од почетокот на мигрантската криза тимовите за воспоставување на семејни врски имаат континуирани активности и бројка од 563 регистрирани случаи на раздвоени смејства.