Регионален состанок на кластерот на МФЦК за Југоисточна Европа
Во периодот 25-26.04.2023 година во Сараево, Босна и Херцеговина се одржа регионален состанок на кластерот на Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина за Југоисточна Европа. Регионалниот состанок се одржа во два дела односно еден дел каде претставници на стручните соработници од 8 Национални друштва дискутираа за предизвиците и идни одговори на потребите на населението во регионот, и втор дел каде се одржа состанок на Генералните секретари од националните друштва од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Северна Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Со фасилитација на претставници на Солферино Академијата при МФЦК, се разгледуваа сегашните, и можните влијанија во наредните 3 години на повеќе фактори како што се политиката, економијата, миграциите, развојот на технологијата, медиумите, животната средина, јавното здравство, земјоделство и безбедност на храна, и граѓанското општество, врз работата на Црвениот крст.
Генералните секретари имаа можност да се запознаат со улогата на новиот формат на дејствување на МФЦК во регионот преку кластер канцеларијата и можностите за заедничка поддршка. Во рамките на дискусиите се истакнаа потребите од поактивно присуство и промовирање на можности за соработка и развој преку кластер канцеларијата на МФЦК поттикнување на меѓусебна поддршка на НД и заеднички иницијативи, и активна заедничка подготовка во пресрет на статутарните состаноци на Движењето во 2024 година.