Регионална конференција „Иницијатива за социјално вклучување на старите лица во Западен Балкан“
Во рамките на Регионалниот проект „Иницијатива за социјално вклучување на старите лица во Западен Балкан“, на 11 и 12 декември 2018 година во Белград се одржа регионална конференција во организација на Црвениот крст на Србија. Целта за одржување на конференцијата беше да се заокружи тригодишната имплементација на проектните активности кои беа координирани од страна на Црвениот крст на Србија, а се реализираа во пет земји на Западен Балкан, Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во Македонија овој проект се реализираше преку Црвениот крст на Република Македонија во заедничко партнерство со здружението Хуманост. Проектот е финансиран со поддршка на Европската унија, Австриската агенција за развој и Австрискиот Црвен крст.
На отворањето на конференцијата се обратија претседателот на Црвениот крст на Србија проф. др. Драган Радовановиќ, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија во Србија и Австриската амбасада во Белград. Во текот на конференцијата на различни теми за прашања посветени за староста и стареењето говореа претставници на ресорни министерства од Србија, претставник од тимот за човекови права на Обединети нации во Србија, претставници на меѓународната организација HelpAge International, претставник на Меѓународната Федерација – Регионална канцеларија за Европа, одговорен за програмите за здравствена и социјална грижа на старите лица, како и претставници на партнерите на проектот.
Проектот започна со имплементација на 1 февруари 2016 година како одговор на земјите на Балканот за демографското стареење, со цел да се јакнат капацитетите на граѓанскиот сектор за да се обезбеди поддршка на старите лица за подобро социјално вклучување и учество во креирање на јавни политики од значење за нивната положба. Активностите на проектот вклучуваа јакнење и формирање на мрежи на граѓански здруженија со цел да се зајакнат нивните капацитети за застапување и носење на стратешки планови, истражување за социјална вклученост на старите лица во сите пет земји, јавни кампањи врз основа на подготвените анализи од истражувањата за подобра вклученост на старите лица во општествените процеси за одлучување, обуки на старите лица во заедниците на тема за нивните права и начинот на застапување за остварување на правата, како и поддршка на здруженија на граѓани за имплементација на мали иницијативи за вклученост на старите лица во заедниците.
На конференцијата беа споделени постигнатите резултати од проектната имплементација во петте земји. На конференцијата од Македонија, учествуваа претставници на Црвениот крст на РМ, Заводот за социјални дејности, како и двајца претставници на членките на мрежата ИнклузиваМ, од Здружението Јустиција и Здружението за алцхајмерова болест. На конференцијата беше направено претставување на резултатите од спроведените проектни активности во Македонија, како и презентирани позитивни практики од реализација на малите проекти за социјална вклученост на старите лица во заедниците.
На крајот на конференцијата беа дадени предлози за одржлив развој на мрежите во петте земји, како и беше најавена можност за идно аплицирање на Регионален повик на Европската Унија кој се очекува да се објави следната година.