Регионални натпревари по прва помош на Црвен крст на РСМ
Во рамки на делокругот на своите активности Црвениот крст на РСМ активно работи на подигање на свеста за значењето на првата помош, обезбедување на обуки и услуги за различни целни групи со цел да се подобри безбедноста и севкупното здравје на луѓето. Се залагаме за постојано подобрување на квалитетот на програмите за прва помош, креирани согласно потребите на различни целни групи како деца на претшколска возраст, ученици од основните и средните училишта, кандидати за возачи на моторни возила, лица одговорни за безбедноста и здравјето на работното место, лица со посебни потреби, итн. Црвениот крст на РСМ дава посебен придонес во промовирање на првата помош во образовните институции каде уште од најмлада возраст ги учиме и ги надградуваме компетенциите на младите како правилно да укажуваат прва помош.
Во периодот од 11 до 12 мај 2024 година Црвениот крст на РСМ ќе одржи два регионални натпревари по прва помош за ученици од основните и средни училишта од југоисточниот и северозападниот регион на Северна Македонија.
На 11.05.2024 година во Радовиш ќе се одржи Регионален натпревар по прва помош за југоисточниот регион чиј домаќин ќе биде Општинската организација на Црвен крст Радовиш. Натпреварот ќе се одржи на Плоштадот Св.Спасо Радовишки и на него ќе учествуваат 16 екипи од 16 ООЦК од југоисточниот регион на државата. Свеченото отворање на настанот е во 10:00 часот.
На 12.05.2024 година во Гази Баба – Скопје ќе се одржи Регионален натпревар по прва помош за северозападниот регион чиј домаќин ќе биде Општинската организација на Црвен крст Гази Баба. Свеченото отворање на настанот ќе биде на платото на главниот влез на Ист Гејт Мол – Скопје во 10:00 часот. На натпреварот ќе учествуваат 16 екипи од 16 ООЦК од северозападниот регион на државата.