„Сите сме нивни деца“
Црвениот крст на Република Северна Македонија од 15 до 21 ноември 2021 година ќе ја одбележи „Неделата на грижа за старите лица“ под мотото: „Сите сме нивни деца“. Целта за одбележување на неделата е да се подигне јавната свест за потребата од зголемена интеграција на старите лица во сите сфери на општествениот живот, како и потреба за обезбедување на грижа и помош на старите лица.
Поддршка во одбележување на неделата е обезбедена од страна на УНФПА со која организација Црвениот крст на РСМ во наредниот период ќе соработува на актуелни прашања наменети за старата популација, како и здравствена превенција на ранливи целни групи население. Обезбедена е поддршка за функционирање на 8 мобилни тимови за бесплатна услуга за набавка и достава на храна, хигиена, лекови и др. на стари и осамени лица, во текот на неделата ќе бидат организирани 20 информативни работилници со старите лица за нивно запознавање со правата од социјална и здравствена заштита со цел подобрување на нивниот квалитет на живеење и здраво стареење, како и ќе се организираат 3 обуки за негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попрченост. Со обуката ќе се офатат 30 долгорочно невработени ранливи лица кои ќе бидат обучени да испорачуваат услуга за нега и помош на стари лица во домашни услови.
Покрај овие активности, Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвениот крст во своите средини со локални партнери и поддржувачи ќе организираат и едукативни работилници на теми од интерес за постарите граѓани, тематски работилници за поттикнување на социјална инклузија на старите лица, како и друг вид активности за активно и здраво стареење.