„Сите сме нивни деца“
Црвениот крст на Република Северна Македонија од 20 до 26 ноември 2023 година ја одбележува „Неделата на грижа на старите лица“ под мотото: „Сите сме нивни деца“. Целта за одбележување на неделата е да се подигне јавната свест за потребата од зголемена интеграција на старите лица во сите сфери на општествениот живот, како и потреба за обезбедување грижа и помош на старите лица.
Поддршка во одбележување на неделата е обезбедена од страна на УНФПА со која организација Црвениот крст на РСМ остварува соработка на актуелни прашања наменети за старата популација, како и здравствена превенција на ранливи целни групи население. Обезбедена е поддршка за функционирање на 7 мобилни тимови од волонтери на Црвениот крст за бесплатна услуга за набавка и достава на храна, хигиена, лекови и др. на стари и осамени лица во Скопје, Битола, Велес, Гостивар, Кичево и Кочани.
Во текот на неделата преку Црвениот крст на град Скопје и општинските организации во земјата ќе бидат организирани 26 информативни работилници со старите лица за нивно запознавање со правата од социјална и здравствена заштита со цел подобрување на нивниот квалитет на живеење и здраво стареење, како и ќе бидат организирани акции за бесплатно мерење на шеќер во крвта.
Покрај овие активности, во соработка со локални партнери и поддржувачи ќе се организираат и едукативни работилници на теми од интерес за постарите граѓани, тематски работилници за поттикнување на социјална инклузија на старите лица, како и друг вид активности за активно и здраво стареење.