ЗАЕДНИЧКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ЦРВЕН КРСТ НА МАКЕДОНИЈА И УНИЦЕФ
Црвен крст на Република Македонија, во рамките на Програмот за подготвеност и дејствување при катастрофи, со поддршка на УНИЦЕФ, во периодот од 16.11.2017 до 15.11.2018 година, започна со реализација на проектот “Активности за намалување на ризици од катастрофи во основни училишта и градинки во Гевгелија, Куманово и Скопје”
Во проектот се предвидени следниве активности поделени во 4 фази:
Прва фаза
Проценка на ранливост и капацитети на градинки и основни училишта во Гевгелија и Куманово и градинки во Скопје. Во рамките на селектираните општини ќе се изврши проценка на ранливост и ризици од природни непогоди и други несреќи што можат да им се случат на главните градинки и нивните клонови како и на основните училишта. Проценката ќе се изработи според претходно подготвен прашалник базиран на методологијата за процена на ранливост и капацитети на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина. По завршувањето на проценката стручни лица ќе направат анализа на истите и ќе се изберат институциите со кои во текот на 2018 година ќе се работат планираните проектни активности.
Втора фаза
Подготовка на комплет прирачници за зајакнување на образовниот процес во делот на природните непогоди и другите несреќи. Комплетот прирачници ќе биде наменет за:
- Наставниот кадар како да спроведат содржини во делот на намалување на ризици од катастрофи во градинките и основните училишта и
- Родителите со цел подигање на свеста кај пошиороката популација.
Прирачниците ќе се изработат во соработка со Бирото за развој на образование, Центар за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување и Црвениот Крст на Република Македонија.
Намалување на ризици од природни непогоди и други несреќи во училиштата и градинките преку инвестирање во нивната безебдност.
Сите избрани градинки и основни училишта ќе бидат подложени на детални проценки врз основа на што ќе се утврдат потребите ( планови за заштита и спасување и елаборати за евакуација, панична сигнализација, прва помош кутии, противпожарни апарати итн ). По утврдување на потребите ќе се премине на практична изработка на планската документација а ќе се превземат и активности за техничко уредување на објектите.
Трета фаза
Обука на образовен персонал за прва неодложна помош ( обука за 3ца претставници од институција за укажување на прва помош во работни организации)
Обука на образовен персонал за заштита и самозаштита во случај на катастрофи ( обука за заштита и самозаштита во случај на катастрофа, насочена кон намалување на ризици од катастрофи, евакуација и промоција на хигиена во градинките, како и начини и методи на обука на деца и младинци на истата тема ) – 10 претставници од институција
Обука на деца за заштита и самозаштита во случај на катастрофи ( обука за заштита и самозаштита во случај на катастрофа, насочена кон намалување на ризици од катастрофи, евакуација и промоција на хигиена во градинките ) – 30 деца од институција
Четврта фаза
Спроведување на практични вежби за примена на евакуационите планови – евакуација ( завршна фаза од проектните активности наменети за проверка на стекнатото знаење на децата и персоналот од селектираната градинка заедно со сите институции вклучени во системот за заштита и спасување – МВР, ДЗС, ЦУК, Брза помош, Противпожарна бригада, Локална самоуправа итн )