октомври 1, 2015

1 Октомври – Меѓународен ден на старите лица

На 14 декември 1990 година, Генералното собрание на Обединетите нации го определи 1 октомври како Меѓународен ден настарите лица. На ова му претходеа иницијативи како што е Виенскиот Меѓународниот акционен план застареење – кој во 1982 беше усвоен од страна на светското собрание за стареење – и одобрение подоцна таа година од страна на Генералното собрание на ОН. Во 1991 година, Генералното собрание ги усвои Принципите за стари лица на Обединетите нации.

1oktomvri3

Во 2002 година, Второто Светско собрание за стареење го усвои Мадридскиот Меѓународен акционен план за стареење, да одговори на можностите и предизвиците на стареењето на населението во 21 век и да се промовира развојот на општество за сите возрасти.

Одбележувањето на 25 годишнината од Меѓународниот ден на старите лица оваа година се фокусира не само на влијанието на новата урбана средина врз старите лица, туку и на влијанието на старите лица кон урбаната средина. Па така темата зa одбележувањето е „Одржливост и вклученост на старите лица во урбаната средина“.

1oktomvri1

На светско ниво, преселбата на луѓето од рурални во урбани средини е со рекордно темпо и се очекува да порасне на 6 од секои 10 луѓе, до 2030 година. Во согласност со феноменот на урбанизацијата, многу брзо се зголемува и бројот на стари лица во урбаните области на земјите во развој. Ефектот од двата феномена подразбира зголемување на бројот на старите лица до 900 милиони, односно на четвртина од населението во земјите во развој.

Со брзото стареење на светот, старите лица ќе заземаат се поголема улога во општеството – преку волонтерска работа, пренесување на знаење и искуства, помош за грижа на семејството и зголемување на нивното учество во платената работна сила.

Република Македонија неодамна го помина прагот на демографската старост. Со 15% старо население над 60 години, на Пописот во 2002 година, Република Македонија го надминува коефициентот на старо население од 12%. Според овие податоци, припаѓаме во земјите со висок степен на застапеност на старо население во севкупното население кое што живее во РМ.  Зголемениот број на стари лица, всушност претставува и зголемување на барањата на јавниот здравствен систем, како на медицинските така и на социјалните служби. Постојат повеќе документи на национално ниво за уредување на политиките за стареење преку кои се oбезбедува  целосна интеграција и партиципација на постарите лица во општеството како што е Национална Стратегија за стари лица 2010-2020.

1oktomvri2

Црвениот крст на РМ како член на Националното координативно тело за следење и евалуација на имплементацијата на Националната Стратегија за стари лица, активно се вклучува и дава придонес во севкупните напори кои ги преземаат надлежните институции во остварување на правата, неопходната грижа и заштита на старите лица во Македонија.

Меѓународниот ден се одбележува преку зголемување на свесноста за проблемите поврзани со старите лица, како и се потенцира придонесот на постарите лица во општеството.

По повод одбележување на 1 октомври Меѓународниот ден на старите лица преку Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвениот крст Велес, Крива Паланка, Прилеп, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга и Неготино се организираат едукативни работилници, креативни и рекреативни работилници со старите лица, посети на стари, осамени и изнемоштени лица во нивни домови со вклученост на млади волонтери на ЦК и ангажирање на здравствени работници, бесплатни прегледи за мерење на шеќер во крвта и крвен притисок, доделување на помош во храна, средства за хигиена, бесплатни прегледи на крвниот притисок и шеќерот во крвта и др. Овие активности се дел од континуираните заложби на Црвениот крст на РМ со цел да даде придонес во подобрување на квалитетот на животот на старите лица во Македонија.

< врати се назад