декември 17, 2019

10-ти Партнерски состанок на Црвениот крст

На 16.12.2019 година Црвениот крст на Република Северна Македонија во х. Мериот, Скопје го организираше 10-от Партнерски состанок. На состанокот присуствуваа генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, д-р Саит Саити, Министерката за труд и социјална политика г-ѓа Мила Царовска, претставници на институции и корпоративниот сектор. Партнерскиот состанок се организираше со цел да се промовираат хуманитарните вредности на Црвениот крст за поттикнување на стратешки партнерства за имплементација на заеднички социјално корисни општествени проекти.

Состанокот го отвори Министерката за труд и социјална политика која  ја истакна досегашната плодна соработка со Црвениот крст и подготвеноста заеднички да се продолжи во создавање услуги за најранливите и повозрасните лица.

На настанот, Црвениот крст на Република Северна Македонија во знак на благодарност за поддршката во остварувањето на хуманитарните цели и задачи додели посебни признанија на Министерството за труд и социјална политика Град Скопје, Македонската Радио Телевизија, Црквата на Исус Христос и светците од подоцнежните дни во Северна Македонија, како и признанијата „Сребрен поддржувач“ за компанијата ОКТА АД Скопје и „Бронзен поддржувач“ на Фондацијата за развој на образование и култура Албиз.

Темата на Панел сесијата на овогодинешниот Партнерски состанок беше „Преку општествена одговорност до заедничко вложување во заедниците“. Говорници на оваа тема беа д-р Саит Саити генерален секретар на Црвениот крст на РСМ, г-дин Никола Наумовски, шеф на Кабинет на градоначалникот на Град Скопје, г-ѓа Јасмина Буцевска, директор на дирекцијата за маркетинг на Комерцијална банка АД Скопје и г-ѓа Анета Андонова, главен и одговорен уредник на прв програмски сервис на МРТВ.

На Партнерскиот состанок од страна на г-ѓа Јасмина Кузмановска, раководител на сектор за програми на Црвениот крст на РСМ, беше претставен е- каталог на проектни иницијативи подготвени од општинските организации на Црвениот крст и Црвениот крст на град Скопје, со цел да се поттикне интерес за заедничко дејствување и воспоставување стратешки партнерства во одредени сфери од взаемен интерес.

Од дискусијата на учесниците на партнерскиот состанок беше нагласено задоволството од досегашната соработка со Црвениот крст на РСМ, како и беше  најавен интерес за нова соработка, како и зацврстување на досегашната соработката за поддршка на заеднички иницијативи  во наредниот период.

 

< врати се назад