17 март формирање на Црвениот крст на РМ
Црвениот крст на Република Македонија на 17 март одбележува два важни аспекти поврзани со функционирањето на организацијата. На овој ден Црвениот крст на Република Македонија е формиран во далечната 1945 година. Оттогаш наваму националното друштво прераснува во препознатлив партнер во Движењето кое од минатата година има сертификат за силно национално друштво во Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Исто така овој ден во Република Македонија се одбележува и како Ден на крводарителството, па по тој повод сакаме да им го честитаме овој празник на сите наши крводарители кои продолжуваат да бидат пример за хуманост и солидарност во целата наша држава.
Црвениот крст на Република Македонија го одбележува формирањето преку теренски активности на нашите волонтери и вработени кои 24 часа на ден обезбедуваат помош и поддршка за мигрантите во Република Македонија стационирани во центрите кај Гевгелија и Табановце, близу Куманово. Исто така општинските организации на Црвен крст ќе се приклучат со организација на пригодни активности на локално ниво, како што се тркалезни маси на тема крводарителство, доделување на признанија на крводарители и организации кои оствариле најдобри резултати во сферата на крводарителство во изминатата година, организирање на презентации и предавања во образовни институции за подигање на свеста кај учениците на здравствено превентивни и социјални теми од интерес и други активности наменети за поддршка на определени целни групи во локалните заедници.
Честитки за придонесот и ангажманот на сите наши вработени, волонтери, партнери и поддржувачи во процесот на имплементација на нашите хуманитарни заложби во духот на седумте основни принципи на Движењето.