18 Октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе
Црвениот крст на Република Македонија како член на Секретаријатот на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција со организирање на превентивни активности се вклучува во одбележување на 18 октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе. По повод 18 октомври, ќе се организираат работилници за врсничка едукација на млади во основни и средни училишта кои ќе се спроведат преку општинските организации на Црвен крст Кисела Вода, Карпош, Кочани, Демир Хисар, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Неготино, Охрид, Радовиш, Ресен, Струга, Велес, Берово, Дебар, Делчево, Македонски Брод и Свети Николе.
Превентивните лекции имаат за цел подигање на свеста на младите, препознавање на начините преку кои младите можат да бидат вовлечени во трговијата со луѓе и нивна самозаштита. Преку вкупно 20 едукативни работилници ќе се опфатат над 500 ученици од основни и средни училишта. По повод денот, Општинската организација на Црвен крст Крушево ќе организира форум театар со ученици од срденото училиште во Крушево.
На 18 октомври во ГТЦ -Скопје ќе биде организиран јавен настан за подигање на свеста со симулациски приказ на жртви на трговија со луѓе и трговци, во организација на Клубот на млади на општинската организација на Црвен крст Центар.