октомври 17, 2022

18 Октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе

Црвениот крст на Република Северна Македонија како член на  Секретаријатот на  Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција преку имплементација на превентивни активности дава придонес во борбата против овој глобален проблем што се рефлектира и во нашата земја. Во таа насока Црвениот крст на РСМ и оваа година се вклучува во одбележување на 18 Октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе со организирање на превентивни активности  за врсничка едукација  на младата популација преку Црвениот крст на град Скопје и  општинските организации на Црвениот крст. По повод денот ќе бидат организирани 22 работилници за превенција со млади од основни и средни училишта, со волонтери од Клубови на млади на Црвениот крст, како и една работилница  со лицата евакуирани од Авганистан сместени во х. Њу стар.

Превентивните лекции имаат за цел подигање на свеста на младите, препознавање на  начините преку кои можат да бидат вовлечени во трговијата со луѓе и нивна самозаштита. Трговијата со луѓе е сериозен општествен проблем и претставува најтешка форма на кршење на основните човекови права – правото на живот, на слободно движење, на слобода на избор и други права и слободи. Трговијата со луѓе е проблем кој бара заеднички пристап за негово сузбивање и вложување на заеднички напори од соодветните релевантни институции.

< врати се назад