март 18, 2022

Дами и господа,

Ми причинува посебно задоволство од името на Црвениот крст на Република Северна Македонија да ви посакам срдечно добредојде на одбележувањето на 77 годишнината  од основањето на нашата организација.  

Јубилеите  се одлична можност  да се осврнеме низ времето, да соопштуваме резултати од сработеното, да споделуваме информации, да најавуваме идни планови, но и можност за потсетување.

Од далечната 1945 година, во создавањето на нашата организација и ефектите од работењето, биле вклучени голем број волонтери, вработени, поддржувачи, безброј имени и безимени активисти кои низ времето оставиле свој печат во нашата организација, која денес е за нивно и наше препознавање, и не само во минатото, туку и во иднината.

Со ова се потсетуваме на едноставната вистина дека секогаш било и е гордост да се биде дел од најголемата армија на хуманисти во светот кои несебично давале дел од себе, за да се спречат и намалат страдањата на оние кои паднале во невоља од разни причини, затоа што оние кои имаат и можат, неможат да бидат спокојни се додека има такви кои немаат и неможат. Колку повеќе имаме и создаваме можност за уште подинамичен развој, толку повеќе сме должни на оние кои беа пред нас.

Нашата работа низ годините е само аргументирано сведоштво за човековата хуманост и солидарност која помага да се надмине човековата бездна што ја предизвикува апокалипсата во човековиот живот. Моќта на хуманоста обезбедува Црвениот крст да се вградува во солидарноста и хуманоста меѓу луѓето. Во нашите редови не има, и толку имаме, за никој во светот да не остане сам и беспомошен, а вредиме толку колку што сме потребни на другите.

На наше големо задоволство, секоја година се зголемува бројот на волонтери во организацијата. И тоа не е случајно. Успеваме во нашите напори да негуваме искрена и топла атмосфера за реализација на благородните активности, па многу наши граѓани во Црвениот крст препознаваат и место за градење пријателства, за учење и споделување знаења, за волонтирање, за членување, за посветување на дел од својот живот. Сите заедно 77 години бевме токму таму каде што беше потребно.

Радува фактот што низ годините, Црвениот крст  отсекогаш имал иднина –  ние сме организација која е привлечна за младите кои се заинтересирани да учат и волонтираат, да ги споделуваат хуманитарните вредности и принципи, да помагаат и да се надградуваат за потоа да прераснат во општествено-социјални одговорни личности кои даваат посебен придонес во развојот на локалните заедници каде живеат. Со нас се секогаш и повозрасните, верни на Црвениот крст,  кои и денес се еднакво активни како и кога се вклучиле, а воедно ги споделуваат своите искуства и знаења, покажувајќи дека во секоја доба од човечкиот живот има место и време за хуманост и солидарност и подадена рака на луѓето на кои им е потребна.

Посветено работиме на градење доверба со луѓето и заедниците на кои им служиме, со нашите донатори, партнери, и јавноста и во рамки на нашето Движење. Постојано ја остварувавме улогата помагател на властите во државата и постојано ја добивавме јавната поддршка и поддршката од властите за што сме неизмерно благодарни. Континуирано инвестираме во зајакнување на нашата транспарентност и отчетност, и унапредување на системите за поддршка и зајакнување на интегритетот и воспоставување на лична и институционална одговорност.

Денес несомнено работата на Црвениот крст на РСМ е порелевантна и попотребна од било кога. Но потребно е да продолжиме да се подобруваме за да се прилагодуваме на светот кој постојано и брзо се менува. Нашите напори ќе бидат насочени кон понатамошно промовирање на индивидуалните и заеднички вредности со акцент на подигање на свеста за заштита на човековото достоинство. Ќе се стремиме за спроведување на современи начини на функционирање и дејствување кои ќе придонесат за модернизирање и следење на светските трендови на современото работење. Решени сме и понатаму да бидеме секаде каде што е потребно.

Почитувани,

Денес, Црвениот крст на РСМ е организација на достоинствени, длабоко хумани и солидарни луѓе кои оставаат простор за нови надежи, модерно Национално Друштво, сериозен контрибутор на хуманитарните ефекти во државата, регионот и пошироко. Длабоко свесни дека мора да бидеме во чекор со времето и да бидеме подготвени за трансформирање и адаптирање но и решени да и понатака бидеме совеста и разумот на денешната цивилизација.

Продолжуваме да работиме на обезбедување на подостоинствен живот за луѓето на кои им е потребна поддршка, заснована на хумани вредности, заемна поддршка, солидарност, обидувајќи се да бидеме секогаш таму каде што е најпотребно. Ве покануваме да бидете и вие дел од нашата приказна која значи спасени животи, достоинство и насмевки на луѓето. Да бидеме побројни, посилни, помоќни.  

Не треба да се навраќаме длабоко во историјата, доволно е да се потсетиме како живееше светот во последните две години. Меѓу сите значајни пандемиски лекции провејува една непобитна вистина – човекот не е создаден да биде сам. Во маката не е важно ни кој си, ни каде си, ни каков си, ни колку имаш. Сите сме исти кога се соочуваме со болести, катастрофи кога сме во невоља.  На сите ни треба – некој да ни подаде рака, да ни каже топол збор,  утеха, надеж. Да бидеме сигурни дека некој секогаш е тука, покрај нас, како цврста потпора која нуди помош, решение, а истовремено  да не побара ништо за возврат.

Ве повикувам сите заедно и во иднина секогаш да бидеме таму каде што е потребно!

Ви благодарам на вниманието.

< врати се назад