март 21, 2023

Денес кога  одбележуваме 78 години од формирањето на Црвениот крст на република Северна Македонија се потсетуваме на нашите почетоци, нашиот развој но секако и на генерациите волонтери и вработени  кои ставија свој белек во организацијата и постојано бевме таму каде што беше потребно. Впрочем јубилеите и служат за потсетување и оддавање на признание.

Во оваа пригода упатувам голема благодарност до сите имени и безимени кои себеси се вложија во организацијата , која денес е место за препознавање, каде се негува солидарноста , хуманоста , достоинството и основните човекови вредности.

Но ,на тој пат не бевме сами , секогаш поддржувани од институциите на системот, корпоративниот сектор , партнерите, граѓаните, донаторите во земјата и странство, за што во име на сите нас во Црвениот крст  им благодарам.

Благодарам и  за нивната доверба да чекориме заедно ,допринесуваме и помагаме  да намалиме нечие страдање и да донесеме насмевка на лицето на луѓето.

Споредувајќи го светот во кој живееме со времето кога се родила идејата за Црвениот крст ќе увидиме дека целите на хуманитарната работа не се разликуваат многу , но општата состојба во светот е многу посложена што наметнува изнаоѓање на нови приоди за ефикасно делување во сите сфери на дејствување. Потребно е да продолжиме да се подобруваме за да се прилагодиме на светот кој постојано и брзо се менува.

Денес несомнено  работата на Црвениот крст е порелевантна и попотребна од било кога, затоа што светот денес потсетува на брод кој плови по немирно море со многу нееднаквости, експлоатирање, омаловажување, застрашување, војни, природни катастрофи и миграции на луѓе како резултат на економски ,политички,социјални и климатски состојби.

Заеднички именител  кој ги означува сите овие состојби е недостаток на хуманост и почит.

Оттука уште еден голем предизвик пред нас да ја мобилизираме совеста преку понатамошно унапредување на адвокативните инструменти и хуманитарната дипломатија со што ќе ги потсетиме факторите за својот дел на одговорност и на најдобар начин ќе ја реализираме улогата на помагател на властите во државата и пошироко во меѓународни рамки.

Животот  често е исполнет со болка , тага,незадоволство и тешкотии и не тера да размислиме дали има причина и колку можеме да бидеме добри , хумани,човечни.

Но секогаш ни останува само еден одговор…….За миг да заборавиме на себе, да помислиме малку и на другите зошто само така ќе дознаеме која е потребата да се биде добар….. А кога човек ќе има моќ да разубави нечиј живот станува духовно богат , а притоа правејќи ги другите среќни се усреќува и себе си. Човек кој не знаел да биде хуман , тоа може да го научи зошто таа особина не се добива со раѓање туку истата се учи.

Всушност многу поблиску до човековата природа се добрите дела , а не злото. Затоа не смееме да веруваме дека живееме во нехумано општество. Хуманоста и солидарноста продолжуваат да бидат наша водилка и инспирација во обид да направиме позитивна разлика во животот на луѓето.

Хуманоста не се кажува туку се покажува и докажува , таа не се импровизира туку реално и искрено од срце се практикува.

Нашите граѓани во изминативе денови покажаа и докажаа хуманост на дело  манифестирајќи голема количина на солидарност   и сочувство со тагата и немоќта пред силата природата во  република Турција и Сирија.

Ви благодариме што ни ја дадовте можноста да ја артикулираме таа хуманост и солидарност и во ваше име да ја пренесеме на братските народи во Турција и Сирија.

 

Почитувани,

 Во наредниот период продолжуваме да работиме на обезбедување на подостоинствен живот за луѓето на кои им е потребна поддршка и за подобра иднина на нашите граѓани , засновано на хумани вредности  , обидувајќи се да бидеме секогаш таму каде сме најпотребни.

Ве повикувам да бидете дел од нашата приказна и

 Како што вели Мајка Тереза

….. Ако не може да нахраниме сто луѓе да нахраниме еден  човек – така ќе знаеме дека постоиме , така ќе се чувствуваме живи…….

 

Ви благодарам за вниманието

< врати се назад