Секој ден илјадници луѓе ги губат своите животи и многу повеќе страдаат непотребно, поради тоа што не им е укажана соодветна и навремена помош. Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени да укажат прва помош.
Согласно податоците добиени од Европската комисија за безбедност на сообраќајот на патиштата во Европа мината година околу 20.600 луѓе загинаа во сообраќајни несреќи, што е зголемување од 3% во однос на 2021 година. Статистичките податоци од РСБСП потврдуваат дека состојбата на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Северна Македонија во последните три години бележи тренд на подобрување.
Во 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години. Но согласно целите од Втората национална стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Република Северна Македонија до 2020 година, требало да го достигне нивото и просекот на земјите членки на ЕУ, а тоа значи помалку од 100 загинати лица во сообраќајни незгоди на годишно ниво, и предизвикот да се исполнат целите на ЕУ и ОН и до 2030 година да се преполови бројот на смртни случаи кои настанале како резултат на повреди здобини од различен вид на несреќи.
Една од основни задачи на Црвениот крст на РСМ е да учествува во оспособување на населението на РСМ за правилно и навремено укажување на прва помош. Се залагаме за постојано подобрување на квалитетот на програмите за прва помош, креирани согласно потребите на различни целни групи. Во текот на изминатите неколку години Црвениот крст на РСМ има посветено особено внимание на унапредувањето на наставата по прва помош, ја модернизиравме опремата за изведување на настава и ја подобривме методологијата на едукација и стекнување на практични вештини од областа на првата помош. Континуирано работиме на унапредување на соработката со регионални и меѓународни организации од областа на првата помош и ги следиме новините од областа на едукација по прва помош со што наставните програми по прва помош се подготвени согласно насоките на Глобалниот референтен центар по прва помош.
Црвениот крст на РСМ како единствена организација која вложува во областа на првата помош, се стреми да прерасне во водечка Референтена организација по прва помош во државата преку кој ќе се креираат политики и програми за унапредување на првата помош.
За младите организираме општински и државни натпревари по прва помош со цел што повеќе да ја подигнеме нивната свест и да ги унапредиме нивните знаења по прва помош. Особено се залагаме во промовирањето на првата помош во образовните институции каде уште ги едуцираме младите за важноста од правилно и навремено укажана прва помош.
Црвениот крст на Република Северна Македонија во периодот од месец мај 2022 година – март 2023 година спроведе кампања по прва помош под мотото Првата помош спасува живот наменета за ученици од основни и средни училишта на возраст од 12-18 години на територија на Република Северна Македонија. Главна цел на кампањата беше да се подигне свеста кај младата популација за значењето на првата помош како животоспасувачка вештина. Во рамки на кампањата општинските организации на Црвениот крст на РСМ спроведоа 736 обуки по прва помош и едуцираа вкупно 28 206 ученици од основните и средните училишта во државата кои стекнаa основни знаења и вештини за укажување на прва помош. Обуките беа спроведени од страна на 242 предавачи и 195 демонстратори по прва помош според програма прилагодена за деца од училишна возраст.
Почитувани, постигнатиот успех од кампањата по прва помош не е само наш, тој е и дел од заедничките заложби на Министерството за образование и наука, образовните институции, Министерството за здравство и Градот Скопје во градење на здрави и безбедни заедници и истите дадоа голема поддршка во целокупниот процес на имплементација на кампањата за што искрено им благодариме.
Се надеваме дека во иднина ќе продолжиме да ги едуцираме и инспирираме младите во државата со духот на хуманоста, човечноста и љубезноста што се дел од визијата и мисијата на Црвениот крст.
Во иднина со заедничка работа помеѓу Црвениот крст на РСМ, Министерство за здравство, Министерството за образование и наука и останати релевантни институции во државата може да придонесеме во подигање на свеста кај населението и одговорните институции во државата за важноста од правилно и навремено дадена прва помош со што ќе придонесеме во превенција и намалување на последиците предизвикани од неадекватна и ненавремено укажана прва помош.