5-ти декември, Светски ден на волонтерството
Секоја година на 5-ти декември во Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина се одбележува Светскиот ден на волонтерството. На глобално ниво, во националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина секоја година, над 16 милиони волонтери даваат активен придонес во подобрување на животот на ранливото население.
Оваа година Црвениот крст на РСМ го одбележува Светскиот ден на волонтерството, 5-ти декември под мотото “Надеж” со цел да се оддаде признание за придонесот на волонтерите и да се подигне свеста за значењето на волонтирањето и надежта за подобро утре и подостоинствен живот на луѓето која ја носат волонтерите преку активностите и личниот ангажман во локалните заедници. Црвениот крст на РСМ преку општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје ќе го одбележи Светскиот ден на волонтерството со различни пригодни активности и свечености ширум државата. Ќе бидат организирани промотивни активности во основните и средни училишта, театарски претстави, дисеминациски сесии, организирање на настани за доделување на признанија на истакнати волонтери, хуманитарни кампањи за поддршка на ранливи категории на население, крводарителски акции и низа други активности со цел да се оддаде признание за придонесот на волонтерите но исто така и да се истакне значењето на волонтирањето во Црвениот крст како најголема хуманитарна волонтерска организација во земјава но и во светот.
Продолжуваме да го негуваме и поттикнуваме волонтерството заради остварување на нашите заеднички цели – да бидеме хумани и достоинствени и да им помагаме на луѓето кои се нашле во неволја.