ЦКА-ПХВ финална работилница-2019 година
Изминатиот викенд, од 31 мај до 02 јуни, во Тренинг центарот Солферино- Струга се одржа ПХВ финална работилница. 62 младинци, 16 дисеминатори, 3 гости и 7 инструктори или вкупно 88 учесници работеа на претставување на малите проекти сработени во текот на овогодинешниот ЦКА-ПХВ циклус. Младите имаа можност меѓусебно да се запознаат, да работат на темата култура како систем од вредности како и промоција на активностите на Црвениот крст. На оваа работилница, младите исто така добија насоки за спроведување на активностите во рамките на ПХВ неделата која ќе се одбележи од 21 до 27 септември.
Младите за време на работилницата подготвија ТВ шоу во склоп на кое се организираа различни пристапи на презентирање на малите проекти, се подготви невербална драма која имаше за цел да ги претстави обуките и активностите на терен-изработување на малите проекти и се сними филм за нивното учество во финалната работилница. Преку вежбата “Племиња” младите поделени во групи, имаа можност да создаваат сопствена култура и истата да ја презентираат, додека пак преку вежбата “Човече не лути се” се натпреваруваа со своите знаења за Црвениот крст. Со многу позитивна енергија и во многу пријатна атмосфера се реализираа целите на самата работилница. На работилницата присуствуваше и претставник на Меѓународен Комитет на Црвен крст кој даваше поддршка на програмата од самиот почеток, од 1998 година.
ПХВ програмата претставува алатка за регрутирање и задржување на волонтерите во редовите на клубовите на млади во секој град. Во текот на оваа година беа обучени 1 091 младинец кои заедно вложија 34 027 волонтерски часа со своите 150 мали проекти преку кои помогнаа на повеќе од 3 000 лица.