септември 3, 2018

Посета на Црвен крст на Швајцарија за размена на искуства за развој на програма за итна интервенција на стари лица

Од 27 до 30 август 2018 година беше реализирана посета на Црвениот крст на Швајцарија во Берн со цел да се разменат искуства за воспоставување и развој на програма за итна интервенција на осамени стари лица. Посетата беше остварена од страна на г-ѓа Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на град Скопје и координаторот на социјално – хуманитарната програма на Црвениот крст на РМ. Претставниците на Црвениот крст на РМ беа примени од страна на г-дин Beat von Daniken, директор за меѓународна соработка на Црвениот крст на Швајцарија. За време на посетата од страна на колегите на Црвениот крст на Швајцарија беа добиени корисни информации за функционирањето на системот за јавување во итни ситуации наменет за стари лица кои живеат сами во нивните домови. Беа споделени позитивни искуства од програми за поддршка на различни целни групи на населението, како и беа разменети информации на двете национални друштва за активностите за помош на мигрантите.

За време на престојот беше направена посета на канцеларијата на  Црвениот крст на Арау, каде се реализира оваа програма во регионот Аргау, како и презентација на системот (опремата) со која се поврзани корисниците на услугата за итно јавување. Исто така беше претставена и програмата за транспорт на стари лица која се реализира повеќе години во организацијата. Во Цирих беше направена посета на централната канцеларија на Црвениот крст од каде се координира целата програмата за итно јавување. Во текот на еден месец  се реализираат 2000 итни јавувања за соодветна асистенција од системите на државата.

Позитивните  искуства од страна на Црвениот крст на Швајцарија ќе бидат ставени во функција за воспоставување на  систем за итно јавување кој како пилот проект ќе се реализира преку Црвениот крст на град Скопје.

< врати се назад