Црвениот крст донираше два инкубатори за Детска клиника
Црвениот крст на Република Северна Македонија по повод 75 години од своето основање пред пандемијата спроведе кампања за набавка на инкубатори за предвремено родени и болни бебиња каде амбасадор на кампањата беше сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска.
Свечениот дел на настанот се одржа денес каде беа донирани два инкубатори за предвремено родени и болни бебиња сместени на Одделот за неонатологија, педијатрија и цистична фиброза на Универзитетската клиника за Детски болести во Скопје.
Г-ѓа Ѓоргиевска истакна дека грижата за предвремено родени болни бебиња треба да претставува исклучително важен приоритет и во таа смисла беше и желбата да се набави оваа опрема и на таков начин да се спасат што е можно поголем број на животи.
На настанот се обрати и Генералниот секретар на Црвениот крст, г-дин Саит Саити каде смета дека треба да бидеме токму тука, одбележувајќи го нашиот јубилеј преку предавање на оваа донација која ќе биде од голема корист и ќе помогне за подобрување на условите на Детската клиника.
Донацијата беше примена од страна на Директорката на Универзитетската клиника за Детски болести, г-ѓа Наташа Алуловска каде им се заблагодари за организирање на кампањата, која што покажа дека и во услови на криза има општествено одговорни чинители кои што сакаат да помогнат.