декември 15, 2017

Делегација на Црвен крст на РМ во посета на Црвен крст на Србија

Во периодот од 07 до 09 декември, 2017 година делегација на Црвен на Република Македонија предводена од претседателот Проф. Др. Ромел Велев оствари работна посета на Црвен крст на Србија.

За време на престојот беа остварени средби со претседателот на ЦК Србија Проф. Др. Драган Радовановиќ, и генералниот секретар г.ѓа Весна Миленовиќ во централната канцеларија на националното друштво. Посебен акцент беше ставен на унапредување на меѓусебната соработка. Беа разменети искуства околу надградување на статутарната и нормативна рамка на двете национални друштва, програмите за крводарителство и предизвиците поврзани со спроведувањето на обуките по првата помош, структурната поставеност на организациите на локално ниво, изворите на финансирање и финансиското отчетување преку финансиски софтвери и можностите за воспоставување на оперативна годишна соработка помеѓу двете организации.

За време на посетата беше посетена и организација на Црвениот крст на Ваљево. Делегацијата на ЦКРМ беше примена од претседателот Др. Милутин Михајловиќ кој воедно е и потпретседател на ЦК Србија и секретарот на ЦК Ваљево  г.дин Мирослав Џукиќ. На средбата беа претставени активностите на ЦК Ваљево и беше искажана подготвеност за соработка со општинска организација на Црвен крст од  Македонија.

Исто така беше посетена и Општинската организација на Црвен крст на Сомбор. Во рамки на посетата на оваа организација беше посетен центарот за мигранти покрај Сомбор. Делегацијата на ЦКРМ беше примена од претседателот доцент др Милош Петровиќ и секретарот на ООЦК Сомбор г.ѓа Биљана Клипа. На средбата присуствуваа и потпретседателот на Црвен крст Србија г.ѓа Симка Сомер, и г.ѓа, Лидија Риц Рихтер, секретар на Црвен крст на Војводине, како и г.дин Љубомир Миладиновиќ, шеф на одделот за меѓународна соработка на Црвен крст на Србија. Во разговорите беше договорено да се определи општинска организација од Црвен крст на Република Македонија која би се збратимила со општинската организација од Сомбор заради размена на искуства и добри практики, имајќи во предвид дека оваа организација е една од најуспешните ООЦК во Србија со искуство во работата со народни кујни, младинска програма, мигранти, рекреативни активности за деца и др.

Посетата беше заокружена со заложба за подготовка на заедничка рамка и план за реализација на годишни активности. Документот е планирано да се потпише на почетокот на 2018 година во Скопје, Македонија.

< врати се назад