март 20, 2017

ДОДЕЛЕНИ ДОНАЦИИ ЗА ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ПОПЛАВЕНИОТ РЕГИОН ВО СКОПЈЕ

Почитувани дами и господа,
Ваши екселенции, амбасадор на Република Германија и Република Австрија во Република Македонија,
Преставници од локалните самоуправи, од општините Гази Баба и Арачиново,
Преставници од образовните институции,
Волонтери и вработени во Црвениот крст,
Преставници на медиумите,

Црвениот крст на Република Македонија годинава одбележува 72 години од своето постоење и 22 години од приемот во Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Низ годините организацијата се соочуваше со многу хуманитарни предизвици, многу човечки судбини, радост и тага, страв од нови почетоци, но сепак моќта на хуманоста претставуваше мобилизатор на потенцијалот во заедницата со цел да се надминат предизвиците и да излеземе уште посилни во градењето на поубаво и побезбедно место за живеење.
Последниве години во земјата и регионот сведоци сме на бројни негативни појави предизвикани од природата. Природната катастрофа од минатата година за жал ќе остане во долго сеќавање по големите загуби во материјални добра, но и во луѓе. Сите ние имавме уште една можност да покажеме хуманост, солидарност и разбирање на маката на другиот. Црвениот крст веднаш по предизвиканите поплави во Скопскиот и Тетовскиот регион се мобилизираше со сите свои човечки, материјално – технички, логистички капацитети. Во заедничките напори на Системот за одговор при катастрофи на нашата држава, Црвениот крст го превзеде својот дел од одговорноста учествувајќи активно во санирањето на последиците во настраданите подрачја. Веднаш беше доставена првична хуманитарна помош, беа мобилизирани нашите тимови кои беа дел од спасителните операции. Во меѓувреме беа превземени активности за обезбедување на дополнителна хуманитарна помош. Беа собрани околу 80.000.000,00 денари кои беа дистрибуирани до 4.751 семејство, беа собрани големи количини хуманитарна помош во храна, хигиена, вода и други намирници кои овозможуваат олеснување на животот во такви ситуации.
Упатуваме голема благодарност до граѓаните на Република Македонија, компаниите, нашите поддржувачи, домашните и меѓународните организации, владите на државите.
Во оваа смисла, дозволете ми да се заблагодарам на Црвениот крст на Австрија кој со поддршка на Австриската влада дадода несебична поддршка во насока на зачувување на достоинството на семејствата кои имаа потреба од помош преку спроведување на проектот „Рано опоравување и отпорност“, со кој финансиски беа помогнати 320 најранливи семејства. Се спроведоа голем број на активности и работилници со ученици, наставници и родители. Вкупната вредност на поддршката изнесува 539.000 евра. Со таа помош многу лица добија надеж дека новиот почеток ќе им биде полесен.
Упатувам благодарност до Црвениот крст на Германија кој исто така со денешната и други донации директно учествува во подобрувањето на условите за работа во основните училишта во настраданите подрачја.
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина обезбеди поддршка во висина од 310.000 франци, со што беа обезбедени две дистрибуции во пакети со храна и хигиена за 2.300 семејства. Во името на примателите на помошта, благодарност и до нив.

Почитувани,

Природните катастрофи и предизвиците на природата очигледно дека не можат да се предвидат. Но, тие секогаш претставуваат катализатор за мобилизирање на заедницата и покажување на хуманоста на дело. Уште еднаш ги потврдивме целите на хуманитарната работа изразени во идејата на Анри Динан за формирање на Црвениот крст во контекст на новите прилики во светот кој не опкружува. Се надевам дека излеговме посилни после оваа природна катастрофа, стекнавме нови искуства, се здобивме со нови научени лекции кои ќе знаеме да ги ставиме во функција на наша подготовка за поефикасно справување со последиците од овие природни закани во иднина.

Ви благодарам.

 

< врати се назад