јуни 16, 2015

ДОСЕГАШНИТЕ ПРЕВЗЕМЕНИ АКТИВНОСТИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОМОШ НА МИГРАНТИТЕ КОИ ТРАНЗИТИРААТ НИЗ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

info_mig

Црвен крст на Република Македонија на 16.06.2015 година одржа прес конференција за досегашните превземени активности за обезбедување помош на мигрантите кои транзитираат низ РМ.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија г-дин Саит Саити истакна дека од 2010 година, Црвениот крст на РМ активно е вклучен во активности поврзани со намалување на ранливоста на барателите на азил и регуларните мигранти. Пристапот на овие лица до примарна здравствена заштита беше обезбеден преку здравствените единици на Црвен крст (3 пати во неделата), лоцирани во прифатниот центар за странци Гази Баба и центарот за азил- Визбегово, каде со свои активности бевме присутни до Јули 2012.

Денес Црвениот крст на РМ продолжи со обезбедување на примарна здравствена заштита за ирегуларните мигранти сместени во прифатен центар за странци Гази Баба, каде седум дена во неделата имаат пристап до лекар , лекови и други медицински помагала. Во периодот Јануари- Мај 2015, реализирани се 2277 лекарски прегледи ( 1226 мажи, 774 жени, 9 новороденчиња и 7 трудници). На месечно ниво се издаваат од 6- 9 упати на секундарно и терциерно ниво, каде се врши и транспорт на лицата до јавните здравствени институции.Психосоцијалната поддршка и хуманитарната помош, која вклучува обезбедување на дополнителна храна и хигиенски пакети, играчки и обувки се дел од секојдневните активности кои ги имплеметира Црвениот крст во прифатниот центар за странци, во соработка и координација со УНХЦР. Во период Јануари- Мај 2015, Црвениот крст има обезбедено пакети со дополнителна храна и хигиена за вкупно 450 лица, сместени во прифатниот центар за странци.

Два теренски мобилни тимови, составени од возач и 2 медицински лица, секојдневно обезбедуваат прва помош на мигрантите кои транзитираат низ РМ, а идентификувани на патот Гевгелија- Демир Капија- Неготино- Велес- Скопје. Покрај медицинската помош, на овие лица им се дистрибуира вода, храна, пелени за бебиња и ќебиња. На дневна основа, во просек има по 230 интервенции или вкупно за 7 дена извршени се 1630 интервенции.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија г-дин Саит Саити истотака истакна дека Црвен крст на РМ реализира активности и од областа на топлотниот бран, преку неформална едукација на лицата како да се заштитат во услови на високи температури. 80 волонтери и екипи на Црвениот крст присутни се на терен, каде делат вода,мерат крвен притисок, како и дистрибуираат брошури со советодавна содржина за превенција од несакани последици при високи температури. Од денес граѓаните може да ја користат и СОС линијата -3221902.

Одделот за безбедност на вода на Црвен крст РМ, со свои екипи присутен е на базените, Аква паркови (Скопје и Пробиштип) и плажите во Охрид и Струга.

Црвен крст на РМ има обучено вкупно 480 спасители на вода, 32 нуркачи, 1 доктор за подводна и хипербарична медицина. Располагаме со 6 патролни чамци, 1 спасителен брод амбуланта, сопствен радио комуникациски систем, повеќе од 80 комплети опрема за спасителни тимови, 2 медицински возила. Во моментов се ангажирани 250 спасители на вода, од кои 50 во Скопје, 34 во Струга, 166 во Охрид, како и спасители во Крива Паланка, Пробиштип и Велес.

< врати се назад