март 12, 2018

Едукативната работилница за волонтери на Црвениот крст

Црвениот крст на Република Македонија во рамките на проектот: „Подобрување   на социјализацијата на деца и млади со посебни потреби“ поддржан од страна на Комерцијална банка АД Скопје, во соработка со Заводот за социјални дејности, од 9 до 11 март 2018  година, организираше  едукативна работилница која се одржа во Центарот  „Солферино“ во Струга.  Целта на работилницата беше да се едуцираат нови волонтери на Црвениот крст за да добијат одредени знаења и вештини за пристап и поддршка на децата и младите со посебни потреби. Учесниците во текот на работилницата покажаа интерес за темите на обуката, подготвеност за учење,  нивна креативност и мотивираност за работа, споделување на искуства и знаења, како и меѓусебното дружење и соработка.

Покрај волонтери на  Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст Прилеп, Кавадарци, Велес, Кичево, Делчево, Дебар и Гостивар, на работилницата учествуваа и локалните координатори на проектните активности и претставници на дневните центри за деца со посебни потреби. На работилницата беа претставени локалните акциони планови за имплементација на активностите во текот на 2018 година. На работилницата беше направена и презентација на параолимписката игра за лица со посебни потреби „Бочиа“ која претставува пренос на ефективни решенија кои го активираат виталниот развој, ги изедначува можностите и ги зајакнува физичките активности на лицата со попреченост. Волонтерите и локалните координатори, како и претставниците на дневните центри имаа можност да дознаат за правилата на оваа игра и да ја применат со децата во дневните центри. Црвениот крст на РМ на 9 мај 2018 година во Скопје ќе организира заеднички настан –  Хуманитарен спортски натпревар со примена на играта Бочиа, на кој ќе учествуваат лица од дневните центри од општините кои се вклучени со проектните активности.

На работилницата беше предложено да  се продолжи со континуирана едукација на волонтерите на Црвениот крст за зајакнување на нивните капацитети, како и беа дадени предлози за нови активности во насока на развој на активностите за обезбедување на поддршка во подобрување на социјализацијата на децата и младите со посебни потреби.

 

< врати се назад