Почитувани,
На крајот од годината кој изминува дозволете ми да искажам посебна благодарност до сите наши волонтери, вработени, нашите партнери и поддржувачи за инспиративните заложби и придонес во остварувањето на мисијата на Црвениот крст во Република Северна Македонија. Голема благодарност и до сите наши сограѓани кои не поддржуваа и беа со нас во реализирањето на нашите програми, проекти, кампањи и активности.
Позади нас оставаме уште една година исполнета со успешни остварувања, во која сите заедно дадовме наш придонес за подобрување на животот на различни целни корисници кои ги опслужува Црвениот крст. На тој пат и годинава бевме исправени пред различни предизвици како резултат на севкупните економски и социјални збиднувања, справувањето со КОВИД-19, миграциите и други актуелни прашања од доменот на работата на Црвениот крст. Благодарение на ангажманот на нашите волонтери и вработени но и континуираната поддршка на нашите партнери, со задоволство може да заклучиме дека бевме успешни и дадовме наш скромен придонес во надминување на севкупните предизвици во нашето општествено опкружување.
Посебно ни е драго што нашата организација ја ужива довербата и поддршката во државата и препознавањето на Црвениот крст како достоен и докажан партнер во извршување на помошната улога на властите во државата. Оваа поддршка беше изразена со континуирана финансиска поддршка на програмите на Црвениот крст но и со вклучувањето на нашата организација во нови инцијативи и сервисни услуги кои се обезбедуваат за различни категории на корисници во земјата. Местото и улогата на Црвениот крст во Република Северна Македонија се дефинирани со законски решенија но обемот на поддршка и довербата во нашата организација се должат на нашето секојдневно професионално извршување на нашите активности.
Горди сме на довербата и угледот кој го уживаме пред сите одговорни фактори и организации кои во изминатата година со задоволство го истакнуваа и поддржуваа Црвениот крст на РСМ како нивен партнер во спроведување на различни иницијативи за подобрување на квалитетот на услуги и поддршка за различни целни групи. Впрочем во таа насока се и резултатите од неодамнешното спроведено истражување на јавното мислење за работата на нашата организација во земјата од кои може да се согледа дека Црвениот крст на РСМ е водечка хуманитарна организација во земјата која ужива голема доверба од нашите сограѓани.
Годинава ги започнавме подготовките за наше преминување во следните фази од развојот. Процесот го нарековме Трансформација-28. Наша цел е постојано да се надградуваме, да бидеме поуспешни, да бидеме во чекор со новите трендови. Но и да бидеме самокритични и да инвестираме во области каде постои простор за напредок и подобрување. Уверен сум дека сите заедно во периодот пред нас ќе најдеме сила и мотивација кои ќе не сплотат да бидеме уште поефикасни и поодговорни во духот на основните принципи и вредности на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина.
Да се биде дел од Црвениот крст е голема чест но и одговорност. Ние сме организација отворена за сите кои сакаат преку своите мали дела да направат многу за луѓето на кои им е потребна поддршка. Искрено се надевам дека и следната година ќе бидете заедно со Црвениот крст. Секоја подадена рака за поддршка носи голема позитивна промена во животот на луѓето.
Дозволете ми на крајот, во име на Црвениот крст на Република Северна Македонија да Ви ја честитам Новата 2023 Година и да ви посакам убави Божиќни празници исполнети со многу здравје и среќа.
Со почит
д-р Саит Саити
Генерален секретар
Црвен крст на Република Северна Македонија