ноември 11, 2019

Информација за учество на Регионален состанок на теми Служба за барање – Воспоставување на семејни врски и Заштита на податоци

Во периодот од 05 до 06 Ноември 2019 година во Белград се одржа Регионален состанок на кој согласно програмата, се работеше на темите за воспоставување на семејни врски и заштита на податоци. На состанокот присуствуваа претставници на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Србија, Хрватска, Романија, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Регионалната канцеларија на Меѓународна Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина од Будимпешта и Регионалната канцеларија на Меѓународниот Комитет на Црвен крст од Белград.

Најголемиот дел од вниманието беше ставен на новата Стратегија за воспоставување на семејни врски 2020-2025 година, подготвена од страна на Меѓународниот Комитет на Црвен крст во соработка со членовите на Платформата за Воспоставување на семејни врски составена 28 национални друштва од Движењето и Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина. Стратегијата е една од документите кои се ставени за усвојување на Генералното Собрание на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина кое се одржува следниот месец во Женева.

Вториот ден од состанокот беше посветен на темата заштита на податоци како општ поим, но и како потреба при работата во делот на Воспоставување на семејни врски. Работилницата ја фасилитираше Maria-Elena Ciccolini, одговорен службеник за заштита на податоци во канцеларијата на Меѓународниот Комитет на Црвен крст во Брисел, за Европа и Централна Азија. Таа на многу практичен начин ги пренесе своите знаења за основите за заштита на податоци, но најголем дел посвети на Правилата за заштита на податоци кои ги има изготвено Меѓународниот комитет на Црвен крст, а кои се однесуваат и на воспоставување на семејни врски и заштитата на податоци на лицата кои се вклучени во целиот овој процес.

< врати се назад