Кампања по повод 16 Октомври –Денот на гладта
Црвен крст на Република Македонија по повод 16 октомври – Денот на гладта организира кампања под мотото „Помислете и на нас“. Со кампањата, како и со многу други хуманитарни активности, Црвениот крст на РМ дава придонес во севкупните напори кои се преземаат во државата за намалување на сиромаштијата и социјалната исклучениот на граѓаните, како една од главните цели на стратегијата, документ кој ја отсликува интенцијата на Република Македонија за изедначување на степенот на вклученост и добросостојба низ сите слоеви од општеството.
Во рамките на кампањата се организираат хуманитарни акции за обезбедување донации во парични средства и храна во соработка со образовно – воспитните институции, здруженијата на граѓани, стопанските комори во Македонија, како и во соработка и поддршка на компании и граѓани. Овие активности ќе се имплементираат во текот на Неделата од 16 до 22 октомври 2018 година преку општинските организации на Црвен крст и Црвениот крст на град Скопје.
Донациите можат да се уплатат на сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст на РМ 300000001327966 Даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка Скопје, како и 100 денари преку мобилните телефонски броеви: 070/075/077 143 400. Донираните средства од хуманитарните акции ќе бидат наменети за обезбедување на храна за помош на ранливото население која ќе се дистрибуира преку општинските организации на Црвениот крст.
Во рамките на кампањата Црвениот крст на РМ се вклучува и во донаторскиот настан „Нахрани 10.000“ – хуманитарна акција за обезбедување на храна, која ќе се организира на 16 октомври од 10 до 19 часот, во соработка со здружението „Ајде Македонија“ преку Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница.