јуни 6, 2022

Кампања за прва помош – „Првата помош спасува живот!“

Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настаната ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност.

Со својот авторитет и долгогодишно работење на планот на унапредување и развој на дејноста во делот на првата помош, Црвениот крст на РСМ активно работи на зајакнување на постојните материјални и човечки капацитети за обезбедување на ефикасни и квалитетни услуги од областа на првата помош, воведување на нови и развој на постојните програмски активности, нивна имплементација, промоција и зајакнување на партнерската соработка.

Организираме курсеви за оспособување на кандидати за возачи како и обуки по прва помош за работни организации и пловни објекти. Но посебен придонес даваме во промовирањето на првата помош во образовните институции каде уште од најмлада возраст ги учиме младите како правилно да укажуваат прва помош.

Црвениот крст на РСМ за младите организира и општински и државни натпревари по прва помош со цел уште повеќе да ја подигне нивната свест и да ги унапреди нивните знаења по прва помош. Првата помош е непроценлива животна вештина која децата треба да ја надоградуваат во текот на животот. 

Од месец мај 2022 година Црвениот крст започна со кампања по прва помош под мотото Првата помош спасува живот со која е предвидено до крајот на годината  да се спроведат бесплатни обуки по прва помош за 25000 деца од основни и средни училишта во целата земја. На овие обуки децата ќе имаат можност да стекнат основни знаења за укажување на прва помош како брза и витална интервенција чија цел е да се спаси човечки живот, но и да се намалат компликациите од настанати повреди и инвалидитет.

Црвениот крст на РСМ изработи промотивен спот за кампањата по прва помош. Промоцијата на кампањата се спроведе во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина на 8 Мај 2022 година во јавниот простор Школка во градскиот парк, Скопје. На промоцијата Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ ја најави кампањата, а потоа свое излагање имаа Министерот за здравство, Д-р Беким Сали и државниот секретар на Министерството за образование м-р Анета Трпевска кои ја поддржаа кампањата опишувајќи ја како значаен и хуман проект во кој ќе бидат вклучени  ученици.

 

< врати се назад