јули 21, 2021

Концепт за воспоставување систем за испорака на прва психолошка помош и психо-социјална подршка на населението

Ми причинува посебно задоволство што можам да Ви се обратам од името на Црвениот крст на денешниов настан кој отвора ново поглавје во работата на нашата организација со надеж за идна соработка и партнерство со повеќе чинители во државата, со што би направиле позитивен исчекор во задоволување на психосоцијалните потреби на различни целни категории на население.

Кризните состојби, природните катастрофи, конфликтите, сиромаштијата како и економските предизвици кои се дел од секојдневието на луѓето ширум светот, оставаат сериозни психосоцијални последици врз населението. Овде треба да се истакне дека здравјето пред се е состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест и исцрпеност. Без ментално здравје, воопшто нема здравје. За жал, многу често менталното здравје го ставаме настрана и не го гледаме како приоритет.

Црвен крст и Црвена полумесечина преку своето делување обезбедува поддршка за погоденото население во форма на хуманитарна помош, засолништа и  основна здравствена заштита, но еден од важните сегменти за помош е и обезбедувањето на прва психолошка помош и сеопфатна психосоцијална поддршка. Емоционалните рани можеби се помалку видливи од уништувањето на домовите, но честопати е потребно многу подолго време луѓето да се опорават од емоционалното влијание отколку да ги надминат материјалните загуби.

Првата психолошка помош и психосоцијалната поддршка претставува интегрален дел од одговорот на Црвениот крст при итни состојби со цел да им се помогне на луѓето и заедниците да се опорават од психолошките последици и да се обноват социјалните структури по одредена кризна состојба. Навремената и соодветна психосоцијална поддршка може да спречи вознемиреноста и страдањето да  не прераснат во состојба со потешки последици. Таа им помага луѓето подобро да се справат со секојдневниот живот, односно да уживаат во здравјето и во квалитетот на живеењето и да го реализираат својот целосен потенцијал во работата, образованието и социјалниот живот.

Неодамнешен предизвик кој ги опфати сите сегменти од нашето живеење, а со кој се уште се соочуваме, е и светската пандемијата КОВИД-19. Во 2020 согласно извештајот на СЗО се очекуваше процентот на менталните заболувања да се зголеми до 40 % од населението во Европа, со скоро 165 милиони луѓе од населението кои страдаат секоја година од мозочно нарушување, како што се депресија, анксиозност, несоница или деменција. Развојот и последиците од истата несомнено ја нагласи потребата од дополнителни напори за поддршка и грижа кон зачувување на менталното здравје.

Посебно ми е драго што конечно со поддршка на нашите партнери Австриска Агенција за развој и Австриски Црвен крст како и институциите во државата, а благодарение на нашето искуство од пракса и научени лекции, денес ја реализираме идејата за отворање на Центар за прва психолошка помош и психосоцијална поддршка на Црвениот крст на РСМ.

Центарот ќе има за цел долгорочно да обезбедува поддршка за градење на граѓански и национални капацитети за обезбедување на психосоцијална поддршка за различни целни групи. Центарот исто така ќе обезбедува психосоцијална помош и поддршка за сите граѓани како и за волонтерите, вработените и за сите корисници на услугите на Црвен крст на РСМ.

Центарот ќе има за цел воспоставување и развивање на нови методи кои ќе се базираат на силна меѓусекторска соработка меѓу институциите, семејствата, училиштата, работодавачите и здравствените работници, како и сите останати чинители во системот на кризниот менаџмент на државата, што ќе придонесе за посеопфатен одговор на полето на обезбедување на психосоцијална поддршка за лицата погодени од кризни состојби.

Особено не радува фактот што преку активностите на Центарот ќе дадеме посебен придонес во обезбедување на систематизирана поддршка и помош на населението за зачувување на менталното здраво во соработка со Министеството за здравство, Министеството за образование и наука како и Министерстовто за труд и социјална политика во насока на надминување на стигмата за промовирање отворен разговор за менталното здравје и барање на психолошка поддршка во случај на потреба, како и поддршка на ранливи целни групи.

Еден од нашите приоритети во следниот период ќе биде и формирање на Национално тело за градење на политики и стратегии, составено од претставници на институции, експерти – членови на Комора на психолози, психијатри, социјални и здравствени работници, и претставници од граѓанскиот сектор. Националното тело за градење на политики и стратегии има за цел сеопфатно градење, спроведување, и зајакнување на системскиот модел за психосоцијална поддршка, преку имплементација на акцискиот план во мирнодопски услови базиран врз претходни знаења и искуства, и негова брза и ефективна адаптација во услови на криза.”

Ќе работиме на иницирање и промовирање на адвокативни напори за надградување на позитивните законски решенија во областа психосоцијалната поддршка како сегмент од навременото сеопфатно планирање при делување во услови на кризна, вонредна или воена состојба.

Почитувани

На крајот дозволете ми да ви искажам искрена благодарност за вашата поддршка за отворањето на Центарот за прва психолошка помош и психосоцијална поддршка на Црвен крст на РСМ. Се надевам дека ова е почеток на една плодна соработка која на долгорочна основа ќе овозможи подобар и поздрав живот на нашите сограѓани.

< врати се назад