Meѓународен ден на исчезнатите
Во 2021 година, речиси 3.300 мигранти исчезнале на патот кон Европа, според Меѓународната организација за миграција. Но, оваа статистика ги претставува само регистрираните случаи, вистинската бројка е многу поголема.
За овогодинешниот Меѓународен ден на исчезнатите на 30 август 2022 година, кампањата #NoTraceOfYou има за цел да го предочи вниманието на оваа трагедија на јавноста. Секоја година, илјадници мигранти исчезнуваат, а зад секој од нив има семејство во болка, кое бара одговори. Улогата на Црвениот крст и Црвената полумесечина е да им помогне на овие семејства да го побараат својот исчезнат роднина преку услугата Воспоставување на семејни врски.
Почетната точка на кампањата е статистиката на ИОМ за 2021 година: 3.300 мигранти исчезнаа на пат кон Европа. Kампањата го претставува исчезнувањето на 3.300 луѓе преку визуелно влијание – истото е еквивалентно на фудбалска трибина, плажа, паркинг.
Меѓународниот ден на исчезнатите – првично наречен Меѓународен ден на жртвите на присилно исчезнување – беше прогласен во 1983 година. Денес, тој има поширок опсег, вклучувајќи ги сите оние кои се сметаат за исчезнати во контекст на вооружени конфликти, природни катастрофи и миграција.
Семејствата имаат право да знаат што се случило со нивните најблиски, а пред сè е одговорност на државите да им даде одговори на семејствата. Дополнително, со починатите мигранти мора да се постапува со достоинство и да се вложат сите можни напори за нивно идентификување за да се информираат нивните семејства. Премногу често, починатите мигранти остануваат неидентификувани на неодредено време. Ова е недостоинствено за починатите, а трауматично за нивните семејства.
За семејствата на исчезнатите лица времето не лечи, одговорите лечат. Активната потрага по исчезнатите сакани може да трае со децении. Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина работи заедно со семејствата во потрагата по нивните исчезнати роднини, а исто така ги поддржува, вклучително и со нудење психосоцијална поддршка. Оваа помош има за цел да им помогне на семејствата да ги лоцираат исчезнатите членови на семејството.
Во 2013 година, алатката наречена Trace the Face беше создадена од неколку европски национални друштва на Црвениот крст и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) за да одговори на предизвикот специфичен за миграцијата: да им помогне на луѓето да ги лоцираат исчезнатите луѓе кои би можеле да бидат каде било на миграциски пат кон Европа.
Trace the Face е веб-страница на која луѓето објавуваат своја фотографија за да ја споделат својата потрага по роднина исчезната на миграцискиот пат кон Европа. Во 2021 година биле регистрирани 16.500 лица кои бараат 25.600 исчезнати роднини. Во просек, едно семејство неделно повторно се обединува благодарение на веб-страницата Trace the Face.
Националните друштва во Европа и МКЦК, исто така, можат да им помогнат на мигрантите да одржуваат контакт со своите најблиски, на пример, нудејќи им бесплатни разговори. Некои, исто така, споделуваат пораки со кои ке се превенираат семејните разделби и ќе се олесни пребарувањето доколку лицето исчезнало.