Меѓународен ден на старите лица
Црвениот крст на Република Северна Македонија и оваа година се вклучува во одбележување на 1ви октомври – Меѓународен ден на старите лица. Овој ден е назначен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1990 година. Официјалните податоци говорат дека во изминатата година на глобално ниво евидентирани се 703 милиони лица на возраст над 65 години. Во текот на следните три децении, бројот на постари лица ширум светот се предвидува да се зголеми двојно, достигнувајќи повеќе од 1,5 милијарди лица во 2050 година. Имајќи го ова во предвид, јасно е потребно зголемено внимание на посебните потреби и предизвици со кои се соочуваат многу постари лица.
Оваа година се одбележува 75-годишнината од Обединетите нации и 30-годишнината од Меѓународниот ден на постарите лица. Во оваа година исто така, се појави КОВИД-19, што предизвика пресврт низ целиот свет. Имајќи ги предвид повисоките ризици со кои се соочуваат постарите лица при појава на пандемии, како што е КОВИД-19, државите во своите политики и програмски интервенции спроведуваат активности кои се насочени кон подигнување на свеста за нивните посебни потреби. Препознавањето на придонесите на постарите лица за нивното здравје и повеќекратните улоги што ги имаат во фазите на подготвеност и одговор на сегашните и идните пандемии е исто така важно.
Оваа година темата е „Пандемии: Дали тие влијаат како ние се справуваме со староста и стареењето“ која има за цел:
– Да се информираат граѓаните за стратешките цели на Декадата на здраво стареење 2020-2030, донесена од страна на Светската Здравствена Организација. (Декадата е можност да ги обедини владите, институциите, граѓанското општество, меѓународните агенции, професионалците, медиумите и приватниот сектор за десет години заедничка соработка и акција за подобрување на животот на постарите луѓе, нивните семејства и заедниците во кои живеат.)
- Да се подигне свеста за посебните здравствени потреби на постарите лица и за нивниот придонес за сопственото здравје.
- Да се предлагаат намалувања на здравствените разлики меѓу постарите лица во развиените и земјите во развој.
- Да се зголеми разбирањето за влијанието на КОВИД-19 врз постарите лица
По повод одбележувањето на 1ви октомври Црвениот крст на Република Северна Македонија упатува пораки, споделени од страна на Меѓународната Федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, со кои сакаме да го зголемиме вниманието дека:
„Пандемијата не е пречка за волонтирање во трето доба“ – Сакаме да истакнеме дека за време на пандемија постарите луѓе можат активно да бидат вклучени во активностите и дека пандемијата не е, и не треба да биде препрека за волонтирање, без разлика на возраста.„Старееме здраво – старееме подобро“ – е поврзана со Декадата за здраво стареење, и промовирање на здраво стареење и здрав начин на живот, и го истакнуваме значењето на лицата во трето доба кои можат да дадат придонес во општеството.