Меѓународен ден на старите лица
Црвениот крст на Република Северна Македонија и оваа година се вклучува во одбележување на 1октомври – Меѓународен ден на старите лица.
Овој ден е назначен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1990 година. Официјалните податоци говорат дека речиси 700 милиони луѓе се на возраст над 60 години. До 2050 година, 2 милијарди луѓе, над 20 % од светското население, ќе бидат на возраст на 60 години или постари. Имајќи го ова предвид, јасно е потребно зголемено внимание на посебните потреби и предизвици со кои се соочуваат многу постари лица. Меѓутоа, исто толку важен е и суштинскиот придонес што поголемиот дел од постарите мажи и жени може да го дадат за функционирање на општеството, доколку се воспоставени соодветни гаранции. Овластувањето на постарите лица во сите димензии на развојот, вклучително и промовирање на нивно активно учество во социјалниот, економскиот и политичкиот живот, е еден од начините да се обезбеди нивна инклузивност и да се намалат нееднаквостите.
Темата за одбележување на Меѓународниот ден на старите лица оваа година Обединетите нации ја фокусира на изнаоѓање на патишта за справување со постојните и спречување на нееднаквостите во староста во иднина. Една од целите на Агендата 2030 и целите за одржлив развој, е да се обезбеди еднаква можност и да се намали нееднаквостите во исходот, вклучително и преку мерки за елиминирање на дискриминација и зајакнување и промовирање на социјалното, економското и политичкото вклучување на сите, без разлика на возраста, полот, попреченоста, расата, етничката припадност, потеклото, религијата или економскиот или друг статус. Честопати, разликите во староста се одразуваат на акумулираната неповолност која се карактеризира со фактори како што се: локација, пол, социо -економски статус, здравје и приход. Според предвидувањата до 2030 година, бројот на луѓе на возраст од 60 години и повеќе се очекува да се зголеми од 901 милиони на 1,4 милијарди. Во овој поглед, трендовите на стареење и економската нееднаквост комуницираат низ генерациите и брзото стареење на населението, демографските и општествените или структурните промени само можат да ги влошат нееднаквостите во повозрасните години, со што ќе се ограничи економскиот раст и социјалната кохезија.
Темата за 2019 година има за цел:
- Да се привлече внимание за постоењето на нееднаквоста во староста и да се истакне меѓугенерацискиот ризик од зголемени нееднаквости во староста;
- Да се подигне јавната свест за справување со постојните и спречување на нееднаквоста во староста во иднина;
- Да се истражат општествените и структурните промени во поглед на политиките за доживотно учење, проактивни и адаптибилни работни политики, обезбедување на социјална и здравствена заштита.
Овие глобални цели се дел од политиките на нашата држава кои се усогласени и со Мадридскиот меѓународен акционен план за стареење. Црвениот крст на РСМ како член на Националното координативно тело за следење и евалуација на имплементацијата на Стратегијата за стари лица, активно се вклучува и дава придонес во севкупните напори кои ги преземаат надлежните институции во остварување на правата, неопходната грижа и заштита на старите лица во земјата.
По повод одбележување на Меѓународниот ден на старите лица, Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст ќе организираат активности поврзани со годинашната тема – истакнувајќи ја притоа еднаквоста во староста во сите сфери на општествено дејствување. Едукативни работилници за правата на старите лица, информативни работилници за прашања од интерес на старите лица, креативни работилници за активна вклученост на постарите граѓани, се само дел од активностите кои ќе бидат спроведени по повод денот.