Меѓународен воз прегази 14 илегални мигранти
Првичните сознанија од увидот и истрагата која се води покажуваат дека 14-те илегални мигранти кои вчеравечер го загубија животот се претежно млади лица, на возраст до 20 години, а најголем дел се од Авганистан и Сомалија.
Според информациите, вчеравечер околу 22.30 часот, воз кој сообраќал на релацијата Солун-Белград, на потегот на пругата Велес-Скопје, налетал на поголема група мигранти. Машиновозачот алармирал и се обедил да ја намали брзината, меѓутоа безуспешно, по што прегазил 14 илегални мигранти, кои сакале најверојатно да транзитираат низ територијата на Република Македонија кон земјите членки на ЕУ.
По извршениот увид на медицинските екипи и надлежниот јавен обвинител, пронајдени биле телата на загинатите , а на лице место биле пронајдени и осуммина други, веројатно нивни роднини кои се пренесени во полициската станица во Велес за да им се земат првични изјави.
Црвениот крст на Република Македонија, по сознанието за трагичниот настан веднаш реагираше преку Одделот за миграции и Службата за барање, стапувајќи во контакт со надлежните институции во Република Македонија. Веднаш беше информирана и Регионалната канцеларија на Меѓународниот Комитет на Црвен крст во Белград, каде беше пренесено дека националното друштво прави се во рамките на можностите да дојде до информации кои се во доменот на мандатот на организацијата.
Контакт телефони на Одделот за миграции +389 2 3139 578 или + 389 70 250 054
Контакт телефон за Службата за барање +389 71 223 895