март 24, 2022

Настан по повод Денот на крводарителството во РСМ

Дами и господа,

 

Ми причинува посебно задоволство од името на Црвениот крст на Република Северна Македонија да ви посакам срдечно добредојде на одбележувањето на Денот на крводарителството во Република Северна Македонија.  

Црвениот крст на Република Северна Македонија ја одбележува 77 годишнината од основањето, за што неминовно е да се потсетиме дека 17 Март  е денот кога го препознаваме неверојатниот придонес и достигнувања на нашите волонтери и вработени кои несебично ја негуваат хуманоста и  посветеноста кон човекољубието. Живееме во време кога  низ целиот свет, кризите се сè посложени, а хуманитарната потреба е огромна. Се повеќе и повеќе животи се уништуваат од вооружени конфликти, насилство и климатски промени, а кога ќе се појават природните катастрофи, состојбите се потешки и побројни. Комплексната нова динамика којашто е карактеристична во време на природни катастрофи и разни конфликти означува едно – дека работата на нашите волонтери и вработени во Црвениот крст е поважна од кога било.

17 Март  е и Ден на крводарителството во Република Северна Македонија, Ден на најхрабрите меѓу нас, крводарителите. Затоа сакам да им оддадам почит на сите што даруваат крв и крвна плазма и да им изразам благодарност на луѓето што спасуваат животи на овој начин. Во текот на пандемијата КОВИД-19, ние континуирано ги повикувавме дарителите на крв да продолжат со нивната суштинска услуга за поткрепа и одржување на нашиот здравствен систем. И покрај сите тешкотии и несакани последици, се потврдува  подготвеноста на граѓаните да донираат во се поголем број,   со што ќе се одржи потребното и целосно  ниво на снабдување со крв.  Едно нешто секогаш ќе остане постојано: со дарување крв, донаторите спасуваат животи. И за тоа, секогаш ќе бидеме благодарни.

Би сакал да ја потенцирам хуманоста, затоа што таа е единствената наша водилка со цел идно понапорно и поактивно продолжување на нашата работа.

Во изминатата година постигнати се одлични резултати на планот на крводарителството во РСМ. Исполнети се планските обврски, сите потреби од крв навремено се обезбедени. Единствено со заеднички напори и континуирана поддршка на државните институции може да достигнеме високи стандарди за безбедна крв и да го гарантираме националното самообезбедување со потребните крвни единици.

Во 2021 година Црвен крст на РСМ во соработка со Институтот за трансфузиона медицина во РСМ организираше  683 крводарителски акции преку кои беа обезбедени вкупно  53.133 крвни единици.

Во оваа пригода дозволете ми уште еднаш да го честитам Денот на крводарителите и да упатам честитки на општинските организации на Црвениот крст за постигнатите резултати.

< врати се назад