декември 1, 2020

Недела на борба против ХИВ/СИДА

Согласно календарот на традиционални активности на Црвениот крст на Република Северна Македонија, во периодот од 1-7 декември 2020 година ќе се одбележи Недела на борба против ХИВ/СИДА, под мотото “Глобална солидарност, заедничка одговорност во борбата против ХИВ/СИДА”. ХИВ е вирус кој предизвикува хумана имунодефициенција. Присуството на ХИВ вирусот во човечкиот организам доведува до уништување на одбрамбената способност (имунитетот), поради што организмот станува неспособен да се брани од различни болести и инфекции. СИДА-та е болест која претставува последна фаза од инфекцијата со ХИВ. Најчести симптоми се губење на телесна тежина, потење, малаксалост, габични инфекции,модринки по тело, исип, пролив, отечени лимфни жлезди, грозница. Често се манифестира и со појава на инфекции на белите дробови, појава на туберкулоза или малигни заболувања и завршува со смртен исход. Не постои лек за ХИВ/СИДА. Постојат лекови кои ја успоруваат болеста, но не ја излекуваат

Од сите инфицирани лица во светски рамки (37,9 милиони лица), 1,7 милиони се деца на возраст под 15 години, 32 милиони лица починале од причини поврзани со ХИВ/СИДА и повеќе од 50% од лицата кои живеат со ХИВ примале анти-ретровирусна терапија (АРТ).

Во Република Северна Македонија за период 1987-2019 година до сега се регистрирани 460 случаи на ХИВ, 404 (88%) се од машки пол а 56 (12%) се од женски пол и 104 лица починале од причини поврзани со ХИВ.

Како да се заштитам од ХИВ/СИДА?

 Со адаптирање на сопственото однесување

  • Практикување на сигурни сексуални односи – биди верен на својот партнер и користи кондом
  • Користење на прибор за инјектирање за еднократна употреба
  • Користење на сопствен прибор за лична хигиена

Со ХИВ може да се инфицира секој – без разлика на пол, возраст, сексуална ориентација, национална, верска припадност, ниво на образование и др.!!! ХИВ не може да се пренесе: со гушкање, ракување, бакнување (ако заразениот нема ранички во устата), кашлање и кивање; со користење на јавни говорници, јавни тоалети, базени; со дружење, спортување и работење со ХИВ инфицирано лице; преку облека, храна подготвена од ХИВ инфицирано лице; преку комарци и други инсекти.

< врати се назад