ноември 16, 2018

„Недела на грижа на старите лица“

Црвениот крст на Република Македонија од 19 до 25 ноември 2018 година ја одбележува  „Неделата на грижа на старите лица“ под мотото: „Сите сме нивни деца“. Целта за одбележување  на  неделата е да се подигне јавната свест  за потребата од зголемена интеграција на старите лица во сите сфери на општествениот живот, како и потреба за обезбедување на грижа и помош на старите лица.

Во рамките на Регионалниот Проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица“, финансиран од Европската унија, со финансика поддршка на Австрискиот Црвен крст и Австриската агенција за развој, кој Црвениот крст на РМ го имплементира во заедничко партнерство со здружението Хуманост, обезбедена е поддршка за одбележување на неделата, за што се подготвени промотивни материјали со пригодна содржина за информирање на старите лица за нивните права од социјална и здравствена заштита.  Оваа година покрај членките на мрежата ИнклузиваМ, во одбележувањето на Неделата се вклучија и шесте здруженија на граѓани добитници на подгрантови кои имплементираа проекти за социјална инклузија на старите лица.   

Црвениот крст на РМ во соработка со здружението Хуманост  на 19 ноември 2018 година ќе организира работилница со претставници на медиумите со цел нивно  запознавање со теми од значење за постарите лица, теми кои се опфатени преку членките на мрежата ИнклузиваМ.

Во текот на неделата преку општинските организации на Црвениот крст, Црвениот крст на град Скопје, како и членките на ИнклузиваМ  и другите здруженија ќе се организираат следните активности: акција за бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвниот притисок на стари лица, работилници со претставници на владини институции,  граѓанскиот и приватен сектор за поттикнување на активности за активно стареење, посети на стари, осамени  и изнемоштени лица во нивни домови, со вклученост на млади волонтери на Црвениот крст и здравствени работници (бесплатни прегледи, доделување на помош и сл.), едукативни работилници на теми од интерес за старите лица, креативни работилници, рекреативни активности, спортски натпревари, меѓугенерациски средби и дружења, како и  тематски работилници за поттикнување на социјална инклузија на старите лица.  

 

< врати се назад