ноември 14, 2013

Недела на грижа за старите лица

stari_licaОд 18 до 24 ноември 2013 година под мотото: „Ние сакаме, Вие знаете, Заедно можеме“, Црвениот крст на РМ ќе ја одбележи традиционалната „Недела на грижа за старите лица“ со цел да се подигне јавната свест за правата на старите лица, како и да се обезбеди поддршка и грижа на старите лица.

На наше големо задоволство и оваа година ЕВН Македонија АД Скопје како општествено одговорна компанија е донатор и наш партнер во имплементација на активностите за помош и грижа на старите лица во заедниците. Во соработка со Заводот за социјални дејности, Здравствен дом Скопје и ЕВН Македонија подготвен е промотивен материјал брошура и постер. Во рамките на Неделата ќе биде организирана акција за бесплатно мерење на шеќерот во крвта на 2000 стари лица, за што ЕVN Македонија обезбеди ленти и ланцети за земање на крв.

Во рамките на оваа недела преку општинските организации на Црвениот крст и Црвениот крст на град Скопје ќе се организираат многубројни хуманитарни активности: едукативни работилници, креативни рботилници со старите лица, хуманитарни изложби на рачно изработени дела, посети на стари, бесплатни прегледи и сл, посети во домовите за стари лица, пензионерските домови и др. Досегашното искуство ја потврдува бројката од 5000 стари лица кои секоја година се опфатени со традиционалните активности.

Активностите на локално ниво ќе се имплементираат во соработка со општинските здруженијата на пензионери со кои Црвениот крст на РМ континуирано остварува добра соработка, како и со центрите за социјална работа и граѓанските здруженија со кои општинските организации на Црвениот крст остваруваат партнерска соработка.

По повод неделата на 18.11.2013 година ќе биде организиран настан во Дневниот центар за стари лица на Црвениот крст на град Скопје, на кој официјално ќе биде предадена донацијата на ЕВН Македонија за поддршка на активности за грижа на старите лица во домашни услови кои Црвениот крст на РМ ги имплементира преку Црвен крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст Велес, Крива Паланка, Кичево и Дебар. На настанот ќе се обратат Министерот за труд и социјална политика г-дин Диме Спасов, Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија г-дин Хенкст Вернер и генералниот секретар на Црвениот крст на РМ г-дин Саит Саити.

< врати се назад