Обраќање на д-р Саит Саити, Генерален Секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија по повод посетата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г.дин Зоран Заев
Почитуван премиер на Владата на Република Северна Македонија, г.дин Зоран Заев
Почитуван претседателе на Црвен крст на РСМ,
Почитувани претставници на медиуми,
Ми причинува посебно задоволство што имам можност денес да Ве поздравам од името на членството, волонтерите и вработените на Црвениот крст на РСМ.
Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија.
На почетокот дозволете ми да ви изразам посебна благодарност што одвоивте од вашето време да ја посетите нашата куќа на хуманоста која е секогаш отворена и служи во интерес на добросостојбата на граѓаните на Република Северна Македонија. Во оваа прилика сакам да искажам јавна благодарност за досегашната соработка со Владата на Република Северна Македонија и ресорните министерства и поддршката која ја обезбедувате за работата на нашата организација.
Црвениот крст на РСМ континуирано во текот на своето постоење од 1945 година до денес организира и спроведува низа сервиси и услуги во државата во согласност со нашата мисија и мандат и основните принципи на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Постојано учиме од минатото, за да бидеме подготвени за иднината, да бидеме подобри и поуспешни, секогаш во служба на нашите корисници на услуги.
Црвениот крст на РСМ спроведува различни активности и услуги за унапредување на социјалната и здравствената добросостојба на граѓаните. При тоа постојано мобилизираме волонтери и средства за справување со хуманитарни предизвици кои произлегуваат како резултат на климатските промени и природните катастрофи кои за жал се се повеќе присутни на нашите простори, како што беа неодамнешните пожари во државата.
Постојано инвестираме во компетенциите и знаењата на нашите човечки ресурси за да бидеме и понатаму препознати како лидери во хуманитарната работа, во областа на унапредување на доброволното крводарителство, првата помош, промовирање на навики за здраво живеење, промовирање на волонтерството, дисеминирање на хуманите вредности и меѓународното хуманитарно право, обезбедување на поддршка за мигрантите, бездомниците и други социјално погодени групи во државата, анимирање и поддршка за младите и лицата од трето доба, подигање на свеста за подготвеност и заштита од катастрофи, безбедност на вода и планина, и многу други активности кои ги спроведуваме во Република Северна Македонија.
Еден од најголемите предизвици секако беше и останува справувањето и ублажување на последиците од пандемијата предизвикана од КОВИД-19 и обезбедување на поддршка за различни целни категории за промовирање на здравјето на луѓето. Горди сме што нашите волонтери кои помагаа и сеуште се активни во најразлични активности за подигање на свеста за заштита од пандемијата, обезбедување на хуманитарна помош, психосоцијална поддршка за ранливи групи на население како и поддршка на вакциналните пунктови, во нашите заеднички напори за справување со пандемијата.
Во новото општествено опкружување, на владите повеќе не се гледа како единствените чинители одговорни за обезбедување или финансирање на активностите за обезбедување на јавното добро туку во новите корелации се промовираат нови рамки за соработка помеѓу различни сектори за подобро да се обезбеди соодветен одговор на најтешките предизвици на полето на развојот и во хуманитарната сфера. Затоа денес е потребно повеќе од кога било, државните и недржавните чинители да ги усогласат интересите и можностите преку градење амбициозни коалиции кои кореспондираат со обемот на предизвиците што сакаме да ги решиме во хуманитарното опкружување.
Во таа насока сакам да ја истакнам и најновата заедничка иницијатива на Црвениот крст на РСМ и Владата на Република Северна Македонија, за обезбедување на комплементарен одржлив пристап за подготвеност за итно делување во случај на катастрофи во Република Северна Македонија. Денес на наше заедничко задоволство ќе дискутираме за нашата заедничка иницијатива за соработка за воспоставување на програма за стокови резерви за делување при итни состојби. Сметаме дека оваа Програма ќе претставува добра основа за наш заеднички одговор на хуманитарните предизвици кои се случуваат во нашата земја и регионот како резултат на кризни состојби и катастрофи.
Почитуван г.дин Заев
Ќе ни биде посебно драго, денес во нашите разговори подетално да ви презентираме дел од активностите на нашата организација. Се надеваме дека ќе се чувствувате пријатно во Црвениот крст на РСМ кој многу луѓе го препознаваат како место за нови пријателства, за учење и споделување знаења, за волонтирање, за членување, за посветување на дел од својот живот на хуманоста.
Дозволете ми уште еднаш да ви посакаме искрено добредојде.