ноември 1, 2019

Oбраќање на генералниот секретар Д-р Саит Саити

Почитуван претседател на Собранието на Република Северна Македонија

Г-дин Талат Џафери

Почитувани пратеници,

Почитувани претставници на Меѓународниот Комитет на Црвениот крст,

Почитувани гости и присутни,

Почитувани претставници од медиуми,

 

Меѓународното хуманитарно право (МХП) е сегмент од меѓународното право кое ги обединува меѓународно – правните инструменти кои се применуваат во случаи на вооружени конфликти.  Лимитирањето на последиците од конфликтите, е прашање на кое меѓународната заедница и државите посветуваат особено внимание. Законска и статутарна обврска на Црвениот крст е дисеминација, промоција и афирмација на Меѓународното хуманитарно право  во нашата држава за што поддршка дава МКЦК кој во едно се нарекува и чувар на Женевските конвенции.

Црвениот крст на Република Северна Македонија, како рамноправен член на Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, ги реализира своите активности во областа на дисеминацијата, поаѓајќи од корпусот на меѓународните инструменти во чија основа се Женевските конвенции од 1949 година и Дополнителните протоколи од 1977 година и 2005 година како и основните документи на националното друштво како што се Законот и Статутот на Црвениот крст на РСМ.

Тесната врска помеѓу Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина и Женевските конвенции, кои многумина ги нарекуваат и Конвенции на Црвениот крст, настанала поради тоа што во Конвенциите нашол примена основниот принцип на Црвениот крст – хуманоста.

 

Националното друштво на планот на дисеминацијата реализира програми за обука за дисеминатори, едукација за посебни целни групи, реализира кампањи за употреба и заштита на амблемот на Црвениот крст, промоција на хуманите вредности, натпревар по МХП помеѓу универзитетите во РСМ, летна школа за МХП, работилници за студенти по МХП, размена на искуства со националните друштва, креирање на техничка платформа за подобра и поуспешна комуникација. Заради извршување на активностите и работите кои произлегуваат, односно се утврдени со Женевските Конвенции и Дополнителните Протоколи и Законот за Црвениот крст на РСМ, во Црвениот крст на РСМ работи Служба за барање-Воспоставување на семејни врски, чија основна задача е соединување на раселени семејства и пренесување на пораки меѓу членови на семејства разделени како резултат на конфликт.

  

За унапредување на имплементацијата на МХП, а следејќи ја праксата на другите држави, Црвениот крст на РМ во 2004 година иницираше предлог за формирање национален комитет како меѓуресорско тело. Министерството за надворешни работи прифаќајќи ја иницијативата сметаше дека  формирањето на Национален комитет за МХП е на линија на заложбите на Владата за забрзано интегрирање на Република Македонија во ЕУ.

За формирањето на Националниот комитет, претходеше изготвување на студија за имплементација на МХП во РСМ, за која беше ангажиран проф. др Владимир Ортаковски , долгогодишен активист на Црвениот крст и член на Националниот комитет. Во оваа прилика би сакал да го поздравам г-дин Ортаковски кој е присутен на овој настан и изразам благодарност за неговиот придонес.

Националниот комитет за МХП разгледува прашања и дава препораки што се однесуваат на: хармонизација на националното законодавство со меѓународното хуманитарно право, ефективна имплементација на МХП преку преземање и следење на практични мерки и активности,  следење на развојот на МХП и негова дисеминација во различни сегменти на општествениот живот, унапредување на соработката и координацијата меѓу надлежните институции вклучително и соработка со Црвениот крст.

 

Република Северна Македонија е на завидно ниво во поглед на ратификацијата на договорите од МХП и нивната имплементација и дисеминација. Сепак, потребно е да се направи уште повеќе за нивна поцелосна имплементација и посеопфатна дисеминација.

 

Во овој правец потребно е да се зголемат напорите на надлежните институции за понатамошно унапредување на примената на нормите на Меѓународно хуманитарно право во нашата држава.

 

Црвениот крст исто така преку адвокатувани активности и инструменти на хуманитарната дипломатија треба да биде проактивен во остварувањето на улогата помагател на властите во државата со постојно и перманентно вклучување и укажување за важноста од примената на меѓународните норми и стандарди во националното законодавство.

 

Почитувани,

 

Дозволете во  име на Црвениот крст на Република Северна Македонија и во свое лично име  да изразам благодарност на Меѓународниот Комитет на Црвениот крст за поддршката во развојот на активностите за дисеминација на МХП во нашата држава, благодарност до Владата на РСМ за партнерството и поддршка во работењето на Црвениот крст во државата со што заедно придонесуваме за намалување на ранливоста во општеството.

 

Посебна Благодарност до Претседателот на Собранието г-дин Талат Џафери и пратениците на законодавниот дом што овозможија да се одржи оваа средба со што ќе претставува придонес за понатамошно унапредување и вградување на меѓународно правните норми во националното законодавството.

 

Ви благодарам.

 

< врати се назад