декември 4, 2020

Обраќање по повод 5-ти декември – Светски Ден на Волонтерството на Претседателот на Црвен крст на РСМ, проф.др. Ромел Велев

Почитуван Претседател на Република Северна Македонија, г.дин Стево Пендаровски

Почитуван Генерален Секретар на Црвен крст на РСМ, др. Саит Саити

Почитувани претставници на медиуми

Почитувани волонтери на Црвениот крст

Ми причинува посебно задоволство да ви се обратам по повод одбележувањето на Светскиот Ден на Волонтерството 5-ти декември. Овој ден кој се одбележува во светот од 1985 година под покровителство на Обединетите Нации, има за цел да го промовираме волонтерството, да ги поттикнеме владите да ги поддржат напорите на волонтерските организации и пред се да им оддадеме благодарност на волонтерите ширум светот за нивниот придонес, значење и улога во зајакнување на нашите заедници.

Волонтерската работа е важен аспект што влијае врз способноста на општеството да се справи со различни видови на социјални предизвици и безбедносни закани и катастрофи. Волонтерите и волонтерството го претставуваат потенцијалот на заедниците да одговорат на овие предизвици во локалното опкружување. Волонтерството се заснова на принципот на доброволност, дејствување во корист на други лица без финансиски надомест. Волонтерството како начин на дејствување има општествена и индивидуална полза.

Волонтерството како модел на функционирање во рамки на општеството создава национална солидарност и во време на неповолни состојби, попросперитетните групи даваат свој придонес за доброто на оние кои имаат потреба од поддршка. Од друга страна, волонтирањето на луѓето им нуди можност за личен развој и надградба, на професионален и личен план. Луѓето волонтираат затоа што сакаат да бидат дел од една поширока социјална групација во заедницата промовирајќи заедништво, соживот, мир и толеранција, како основни вредности во животот на човекот. 

Волонтерското дејствување е важен аспект од работата на Црвениот крст на Република Северна Македонија, и има континуиран развој во текот на постоењето на организацијата.

Низ годините посветено работиме на мотивирање на доброволното волонтирање во Црвен крст преку развој на нови, пофлексибилни, отворени и комплементарни приоди кои ќе ни овозможат создавање на поефикасна мрежа на хуманитарни работници кои работат за општото добро во државата.

Изминатава година Црвениот крст беше исправен пред голем предизвик да се обезбеди поддршка за различни целни категории на население погодени од пандемијата со Ковид-19, која за жал сеуште трае. Секако, тоа не ќе беше можно без поддршката на нашите волонтери. Би сакал да издвојам само некои од клучните активности на волонтерите на Црвениот крст. 

Тие дадоа посебен придонес при спроведувањето на анкети на патници кои влегуваа на граничните премини. Учествуваа и во дистрибуција на хигиенски средства, средства за дезинфекција и лична заштита, доставување на храна и лекови на стари и изнемоштени лица и хронично болни, самци, граѓани во изолација, самоизолација и карантин, и самохрани родители. Волонтерите помагаа и во обезбедувањето поддршка преку телефонски линии за психосоцијална помош за ранливото население и лица во изолација.

Ова се само дел од малите нешта кои ги направија нашите големи волонтери. А нивниот интерес за обезбедување на поддршка е со несмален интензитет, и секојдневно се пријавуваат нови волонтери кои сакаат да помогнат во овие тешки времиња давајќи личен придонес во надминување на последиците од пандемијата.

Голема благодарност до сите волонтери во државата. До луѓето што волонтираат во Црвениот крст. А ние ќе продолжиме да ја негуваме волонтерска база за да обезбедиме широк спектар на волонтерски услуги, давајќи го нашиот придонес во општественото опкружување особено при кризни состојби.

На крајот дозволете ми во името на Црвениот крст на Република Северна Македонија, уште еднаш најискрено да им го честитам 5-ти декември, Светскиот Ден на Волонтерството и да им се заблагодарам на илјадниците активни волонтери во нашата држава за континуираната посветена работа и добри дела и нивниот придонес за развој на Црвениот крст како најголема волонтерска организација во нашата држава.

Благодарам

< врати се назад