мај 9, 2022

Обраќање по повод Промоција на кампања за прва помош на Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ, д-р Саит Саити

Ми причинува посебна чест и задоволство да ве поздравам на Светскиот Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, 8 мај кога се навраќаме на нашите зачетоци, на хуманата мисија на Црвениот крст, кој постојано прави исчекор во локални и светски рамки давајќи придонес за унапредување на здравјето и добросостојбата на луѓето во различни сфери на општествениот живот.

 

Една од основните задачи на Црвениот крст, согласно со Женевските Конвенции и Законот за Црвениот крст е да бидеме помошници на институциите во државата во обезбедување на комплементарна поддршка за справување со последиците од природните катастрофи, во спојување на разделени семејства како резултат на војни и миграции но исто така и обезбедување на услуги кои се наменети за унапредување на здравјето и безбедноста на луѓето и обезбедување на поддршка за различни социјални категории на корисници.

 

Нашите граѓани посебно не препознаваат по нашите активности за подигање на свеста на населението за заштита и превенција на различни болести, унапредување на крводарителството и секако преку активностите кои ги организираме за унапредување на вештините за укажување на прва помош во државата. Со големо задоволство денес сакам да го задржам вашето внимание на првата помош, на оваа наша хумана активност која со децении успешно ја спроведуваме со цел да ги подобриме живото-спасувачките вештини на нашите граѓани. 

 

Секој ден илјадници луѓе во светот ги губат своите животи или непотребно страдаат како резултат на ненавремена и несоодветна укажана прва медицинска помош. Секако тоа може значително да го смениме доколку ја смениме перцепцијата кај луѓето со цел да бидат посвесни за значењето и потребата од нивно оспособување за правилно укажување на прва помош.

 

Првата помош претставува почетната грижа за повредено или ненадејно заболено лице. Таа грижа подразбира благовремено преземање на внимателни постапки, мерки и активности за зачувување на животот на повредениот, заштита од понатамошно повредување, намалување на болката и стравот и спречување на можните компликации.

 

Црвениот крст низ годините дава посебен придонес во Република Северна Македонија во унапредувањето на првата помош. Организираме курсеви за оспособување на кандидати за возачи како и обуки по прва помош за работни организации. Но посебен придонес даваме во промовирањето на првата помош во образовните институции каде уште од најмлада возраст ги учиме младите како правилно да укажуваат прва помош. За младите организираме и општински и национални натпревари по прва помош со цел уште повеќе да ја подигнеме нивната свест и да ги унапредиме нивните знаења по прва помош.

 

Во истиот тој дух денеска сакаме да ја најавиме новата кампања на Црвениот крст за промоција на првата помош која ќе ја спроведуваме под мотото “Првата помош спасува живот”. Во рамки на кампањата Црвениот крст ќе спроведе бесплатни обуки по прва помош со кои имаме за цел да опфатиме 25.000 деца од основни и средни училишта. Кампањата ќе ја организираме преку нашите општински организации на Црвен крст во целата земја. На овие обуки децата ќе имаат можност да стекнат основни знаења за укажување на прва помош како брза и витална интервенција чија цел е да се спаси човечки живот, но и да се намалат компликациите од настанати повреди и инвалидитет.

 

Но првата помош не претставува само знаење и умеење да се изведат живото – спасувачки вештини. Првата помош претставува хуманост во акција, желба да се помогне, со полна почит кон различностите и без дискриминација. Првата помош е гест на солидарност, гест кој ги мобилизира луѓето и заедниците да го зачуваат и заштитат животот.

 

Почитувани,

 

Искрено се надеваме дека ќе ни се приклучите во активностите кои ќе ги спроведуваме во рамки на нашата кампања која исто така има за цел да ги инспирира младите во училиштата со духот на хуманоста, човечноста и љубезноста чија што порака е проткаена во одбележувањето на денешниов празник на Црвениот крст.  Се надеваме дека голем дел од овие млади луѓе во иднина ќе станат дел од Движењето на Црвениот крст и ќе продолжат да ја промовираат солидарноста и хуманоста со што нашата земја ќе стане попријатно место за живеење.

 

Ви благодарам

< врати се назад