Обука за врснички едукатори за борба против трговија со луѓе
Црвениот крст на Република Северна Македонија во рамки на проектот „Борба против трговија со луѓе“ поддржан од Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, од 23 до 26 јануари 2020 година во Центарот за едукација на Црвениот крст во Струга ја одржа првата обука за врсничка едукација на млади за борба против трговија со луѓе. На работилницата присуствуваа 15 млади волонтери од општинските организации на Црвениот крст Куманово, Кочани и Кичево. Целта на работилницата беше да се зајакнат капацитетите на националното друштво за имплементација на активности за превенција од трговија со луѓе кај младите. Ваков вид на работилница ќе се одржи од 30 јануари до 2 февруари 2020 година на која ќе учествуваат волонтери од општинските организации на Црвениот крст Битола, Прилеп и Ресен. Со цел да ги зајакнат своите вештини за одржување на превентивните работилници со нивни врсници во месец февруари и март 2020 година ќе бидат одржани уште две обуки.
Според планот за акција проектните активности ќе се имплементираат заклучно со јуни 2020 година, во рамките на кој ќе се одржат превентивни работилници со младите во основни и средни училишта за подигање на свеста за заштита од трговијата со луѓе. На волонтерите на Црвениот крст покрај обуката ќе им бидат обезбедени и едукативни алатки – прирачници, како и информативни флаери кои ќе ги користат при имплементирање на превентивните лекции во основните и средни училишта во шесте општини.