Општествената одговорност деловен императив и глобална идеа
Денес, на 19.12.2018 година Црвениот крст на Република Македонија во Бест Вестерн х. Турист, Скопје го организираше 9-от Партнерски состанок. На состанокот присуствуваа генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, д-р Саит Саити, советникот на кабинетот на министерот за труд и социјална политика Душан Тошиќ и претставници на корпоративниот сектор.
Партнерскиот состанок се организираше со цел да се промовираат хуманитарните вредности на Црвениот крст на Република Македонија за поттикнување на стратешки партнерства за надминување на проблемите со кои се соочува населението во заедниците.
Пред присутните се обрати генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, д-р Саит Саити, кој истакна дека изминативе години организацијата на Црвениот крст вложуваше во градење на сопствените капацитети за да може да одговори на барањата на претпријатијата во имплементација на различни проекти за вложување во заедницата. Имплементирани се бројни заеднички проектни активности во соработка и поддршка на компании во земјата. Она што особено е вредно да се истакне е поддршката која Црвениот крст ја обезбедува од врвните менаџери на компаниите кои со нивниот сопствен придонес овозможуваат да се остварат партнерските релации за остварување на заеднички иницијативи од општествен интерес. За одбележување е фактот дека во имплементација на хуманитарните активности се повеќе активно учество земаат и голем број на вработени од компаниите со што ја потврдуваат и нивната социјална одговорност.
Свое обраќање на партнерскиот состанок имаше и советникот на кабинетот на министерот за труд и социјална политика Душан Тошиќ кој ја поздрави оваа иницијатива и го повика бизнис секторот и понатаму успешно да се вклучува во проектите на Црвениот крст на Република Македонија со цел подобрување на животот во заедниците.
Во рамки на настанот, Црвениот крст на Република Македонија додели признанија, Платинест поддржувач на Прокредит банка Ад Скопје и на Комерцијална банка Ад Скопје, Златен поддржувач на Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, Бронзен поддржувач на ДСПТ Везе Шариво знак на благодарност за поддршката во остварувањето на хуманитарните цели и задачи на Црвениот крст на Република Македонија.