Отворен новиот објект во Тренинг центарот Солферино – Струга
На 22 Ноември, на свечен начин, отворен беше новиот објект во Тренинг центарот Солферино – Струга. Изградбата на истиот е во насока на проширување на сместувачките капацитети на постоечкиот објект, а поддршка во изградба на истиот добиена е од Меѓународната Федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Прокредит банка и повеќе Национални друштва на Црвен крст во рамки на итниот апел за мигрантската криза.
На отварањето, од име на Црвен крст на РМ, пред присутните се обрати генералниот секретар на Црвениот крст на РМ г. Саит Саити, и претставникот од Меѓународната федерација г-дин Елкхан Рахимов и со сечење на лента го пуштија во употреба објектот.
Со свое присуство не почестија и претставници од Црвениот крст на Црна Гора, Бугарскиот Црвен крст, Црвен крст на Република Албанија, Црвениот крст на Босна и Херцеговина, Црвен крст Косово, претставник од Турската Црвена полумесечина и Германски Црвен крст, како и претставник на Меѓународната Федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Во рамки на оваа посета, остварен беше работен состанок со претставниците на делегациите, на кој преку видео запис беше презентирана работата на Црвениот крст на РМ и дел од програмите имплементирани преку Црвен крст на град Скопје. Исто така дискутирано беше за можностите за соработка во регионот, промоција на заедничките активности и учење од добри практики во работењето на националните друштва.