јуни 6, 2017

Партнерска соработка помеѓу Црвениот крст на РМ и МАКПРОГРЕС

Црвениот крст на Република Македонија во соработка со Заводот за социјални дејности повеќе години во континуитет имплементира заеднички иницијативи за подобрување на социјализацијата на децата и младите со посебни потреби.

Започнувајќи од месец јуни до декември 2017 година, МАКПРОГРЕС од Виница ќе биде партнер на Црвениот крст на РМ за поддршка на имплементација на проектните активности наменети за поддршка на децата и младите со посебни потреби.

Денес, 06.06.2017 година во просториите на МАКПРОГРЕС од страна на г-дин Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес и г-дин Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Република Македонија се потпиша Договорот за донација за поддршка на активностите кои ќе се реализираат преку Општинските организации на Црвениот крст на Виница, Куманово, Штип и Струмица во соработка со дневните центри за деца со посебни потреби во овие општини.

Во рамките на проектот на 8 јуни 2017 година во Црвениот крст на РМ ќе се организира информативна работилница со цел да  се дадат насоки за заедничка имплементација на активностите, а на 16 јуни 2017 година во Виница, ќе се одржи едукативна работилница за  волонтери на Црвениот крст кои ќе реализираат активности заедно со децата во дневните центри. Според насоките, ќе се  подготват локални планови за акција.  Следните и многу други активности ќе бидат дел од спроведените заеднички иницијативи: креативни работилници, организирање на рекреативни активности, едукации за децата и родителите на децата, како  и многу други активности кои ќе ги иницираат тимовите на локално ниво.  Во имплементација на активностите ќе бидат вклучени и вработени на компанијата, како социјално одговорни граѓани, вработени од  дневните центри и родители на децата.

МАКРПОГРЕС од Виница како реномирана компанија во земјата која во своето работење го практикува општественото одговорно однесување, како неделив дел од бизнис постоењето на компанијата, со поддршката на овој проект го потврдува континуитетот во напорите за развој и благосостојба на луѓето во заедницата.  

 

< врати се назад