Честит 21 мај – ден на осамостојувањето на Црвениот крст на Република Македонија
Почитувани,
Дозволете ми од името на Црвениот крст на Република Македонија на сите наши волонтери, членови и вработени да Ви го честитам 21 мај – денот на осамостојувањето на нашето национално друштво.
Од своето осамостојување во 1992 година па се до денес, нашата организација стоеше исправена пред бројни предизвици и успешно со нив се справуваше. Работевме со бегалците од поранешна Југославија, со внатрешно раселените лица, со мигранти, со лица погодени од поплави, земјотрес, клизишта, снежни наноси. Постојано сме со луѓето погодени од влијанијата на климатските промени како што се ладните зимски бранови и топлотните бранови во текот на летните месеци.
Континуирано даваме придонес во промовирањето на првата помош во државата, унапредување на крводарителството и подигање на свеста за заштита од различни здравствени предизвици. Постојано како организација работиме на социјални програми за подобрување на животот на различни ранливи категории на население.
ојано го промовираме волонтерството. Работиме и со младите и со повозрасната категорија на население затоа што секој волонтер е важен за нас како организација. Само на тој начин можеме да бидеме поблиску до локалните заедници.
Како вршител на помошната улога на органите на власта даваме посебен придонес во промовирањето на меѓународното хуманитарно право и заштита на населението од катастрофи и итни состојби.
Станавме прво сертифицирано национално друштво во Движењето на што сме посебно горди. Негуваме партнерски односи со компонентите на нашето Меѓународно Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина, со Европската Унија и Агенциите на Обединетите Нации, со корпоративниот сектор.
Горди сме на нашите остварување и постојано работиме на надградување на нашите капацитети и оперативна подготвеност.
Дозволете ми во името на Црвениот крст на Република Македонија да Ви го честитам 21 мај – денот на осамостојувањето на Црвениот крст на Република Македонија и да продолжиме заедно да работиме во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Со почит
д-р Саит Саити
Генерален секретар
Црвен крст на Република Македонија