Почитувани,
Дозволете ми на почетокот да упатам благодарност до Општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје за ангажманот, мотивираноста и пожртвуваноста во овие тешки времиња за нашата земја. Во овие моменти особено е важна Вашата воља и желба да се даваат услуги и да се помогне на најранливите категории на граѓани без притоа да очекувате посебно признание или истакнување за тоа што го правите. Во оваа смисла би сакал посебно да ги издвојам и да упатам благодарност на нашите волонтери кои секој ден посетуваат над стотици наши сограѓани носејќи им храна и лекови во нивните домови. Нивната работа нема цена и претставува вистинска вредност на нашето општество. Тие без никакви предрасуди покажуваат дека солидарноста не е изгубена. Тие ја враќаат вербата во тоа дека не е се изгубено, дека човештината постои. Воодушевен сум од тоа што го правите. Сакам само да Ве замолам да издржите бидејќи оваа ситуација најверојатно ќе потрае некое време. Знам дека не е едноставно, но ова е солидарност во своето најдобро издание. Само продолжете така.
Благодарност и до нашите крводарители кои овие денови овозможија доволно количини на крв за да може да работи нашиот здравствен систем. Упатувам благодарност до сите наши соработници, корпоративниот сектор, институциите на системот кои во овој период не подржуваат да бидеме поуспешни, поефикасни и да стигнеме што е можно подалеку. Овие денови светот, како и нашата држава се променија во потполност, а и ние самите се променивме. Постанавме поодговорни, а такви треба да бидеме и понатаму за да можеме што побрзо да се вратиме на претходниот живот. Мораме и понатаму да бидеме одговорни и да ги следиме препораките на здравствените власти и одлуките на нашата Влада.
Уште еднаш огромна благодарност до сите. Знам дека ќе биде тешко во наредниот период, но треба да продолжиме со својот ангажман. Само така ќе бидеме пример за сите како треба да се поставиме кога на сите ни е тешко. И понатака треба да бидеме светол пример во нашето општество.
Претстојните велигденски пораки за победата над смртта ќе ги упатиме од дома, преку телефон, преку интернет, секој од своето семејство, од својот сопствен дом, а не собрани по роднини и гости. Тоа нема да нѐ направи послаби верници, туку напротив, тоа ќе го зајакне духот зашто сите знаеме дека со тоа спасуваме живот. Нашите животи зависат од однесувањето на сите нас. Никој од нас нема право да загрози туѓ живот. А животот во овој момент нема да го загрозиме само ако останеме дома. Да се здружиме сите и да го запреме злото кое му се закани на целото општество.
На сите верници од православната христијанска вероисповед Ви ги честитам претстојните Велигденски празници и пред сѐ Ви посакувам добро здравје, трпение и спокој во семејството .
Со почит,
д-р Саит Саити
Генерален секретар