Помош на настраданото население од поплавите во Тетово
Црвениот крст на Република Македонија од сопствените резерви и помошта обезбедена во хуманитарната акција поддржана од правните субјекти и граѓани во земјата, во досегашниот период за најпогодените семејства од силното невреме кое минатата недела го зафати Тетово и околината дистрибуираше хуманитарна помош во вода за пиење, храна, средства за хигиена, средства за дезинфекција, ќебиња, облека, чизми, вреќи за спиење, душеци.
Заклучно со 14.08.2015 година преку донаторските телефонски линии од трите оператори во Република Македонија обезбедена е парична помош во вкупен износ од 1.031.500 денари. На сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст на Република Македонија уплатени се вкупно 1.602.646 денари. Во досегашниот период во хуманитарната акција на Црвениот крст на Рeпублика Македонија обезбедена е помош од повеќе донатори, правни субјекти и граѓани, како што се: Кожувчанка, Пивара АД Скопје , Алкалоид, Мак оил, Стопанска банка, Реплек, Про кредит банка, Македонкси Телеком, Општина Охрид, Комфи Ангел, Лајонс клуб, Анекс, Промес, КАМ Маркет и др. Поддршка во акцијата обезбеди и Црвениот крст на Албанија.
Црвениот крст на РМ изразува голема благодарност на сите донатори кои обезбедија поддршка во хуманитарната акција за помош на настраданото население од поплавите во Тетово.
Поради интересот на правните субјекти и граѓаните, Црвениот крст на РМ акцијата ја продолжува до 31 август 2015 година.
Помошта во средства за хигиена (средства за дезинфекција) и храна може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток од 08,00 до 16,00 часот (контакт тел: 3 096 227), и магацинот на Црвен крст во Тетово на ул. „Фрушанска“ бб. (контакт тел. 070 706 255).
Заинтересираните правни субјекти и граѓани можат да се вклучат и со обезбедување на парична помош:
- Сметка на Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка
– Донирање на 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400
Црвениот крст на РМ донираните парични средства ќе ги насочи наменски за помош на настраданото население од поплавите.
За обезбедената и дистрибуирана хуманитарна помош јавноста ќе биде навремено и соодветно информирана.